Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко на состанокот на Советот за национална безбедност нареди формирање доброволна територијална одбрана.
– Ситуацијата не е лесна во моментов и времињата се такви што би било соодветно секој човек да може да ракува со оружје – рече Лукашенко на состанокот на Советот за безбедност, објаснувајќи ја наредбата за формирање доброволна територијална одбрана.
Во врска со тековната војна во околината на Белорусија, Лукашенко нагласи дека белоруската армија ќе се бори „само ако земјата биде нападната“.
– Во случај на акт на агресија против нас, одговорот ќе биде брз, соодветен и остар. Во меѓувреме, сакам и барам секој човек да знае барем да го заштити својот дом и семејството, а на крајот и нашата земја – рече Лукашенко.
Министерот за одбрана Виктор Хренин додаде дека територијалната доброволна одбрана треба да брои меѓу 100.000 и 150.000 доброволци, а доколку е потребно и повеќе. Во Белорусија моментално има околу 50.000 професионални војници.