Ангел Димитров / Фото: Приватна архива

Неколку агенции преговараат и регрутираат странски работници, кои се заинтересирани да работат во земјава. Таква понуда за странски работници од Непал добил и управителот на светиниколската текстилна компанија „Мода“, Ангел Димитров, кој воедно е и претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи.

Тој во видео интервјуто на МИА, апелира постепено да се либерализира пазарот на труд и да се овозможи полесен пристап на странските работници затоа што одредени сектори се соочуваат со недостиг на работници и доколку ова не се дозволи, тогаш ќе се доведе во прашање опстанокот на економијата во земјава.

– Бангладеш, Пакистан, Филипини и Индонезија се држави кадешто има трипати пониски плата од нашата. Тоа би бил процес, тоа не може преку ноќ да се случи, но би било во интерес на опстанокот на нашата економија – вели Димитров во интервјуто.

Посочува дека со иселувањето на младите, државата ќе остане без работници и економијата полека ќе пропаѓа, а буџетот ќе остане без пари. Компаниите, како што наведува, имаат проблем да најдат соодветен кадар.

– Невработените не сакаат да се јавуваат на огласите за слободните работни места, а од друга страна и покрај напорите на Владата преку активните политики за вработување, не се јавуваат ниту имаат желба за преквалификација, што значи долгогодишните проблеми во системот на образование и продуцирањето на кадри кои не одговараа на нашето стопанство, го дава својот резултат. Да речеме ако имаат завршено факултет, тие чекаат да се вработат на дипломата, за која што се школувале и не прифаќаат преквалификација или доквалификација за друго работно место. Ова значи дека ние само формално имаме невработени, а кога некоја фирма ќе отиде во Агенцијата за вработување и ќе побара 20-30 работници, не може да најде ниту тројца од соодветниот кадар така што очигледно е дека преквалификацијата и моменталните мерки нема да ги дадат очекуваните резултати и стопанството во следните години ќе се соочува се повеќе и повеќе со недостиг на работници- предупредува Димитров.

Прашан за колку време би дошле странските работници во земјава, Димитров со став дека штом веќе се нудат работници, тоа значи дека тие се подготвени да дојдат.

– Ако агенциите веќе ги нудат, тие имаат веќе контакти и можат да дојдат. Затоа реков, потребно е постепено либерализирање на пазарот на труд со увоз на странски работници, затоа што во овој момент многу компании од градежната индустрија имаа проблеми, особено лани кога квотата беше исполнета многу порано пред истекот на годината да вработат странци- истакнува Димитров.

Според него, овие работници треба да ги имаат истите права од работен однос како и домашните работници.

– Што се однесува до начинот на вработување, сите права од работни односи треба да ги имаат и тие, бидејќи мислам дека Македонија не е држава како некои арапски држави, каде што странците ќе работат по 20 часа дневно, ќе немаат никакви права и ќе се третираат како граѓани од втор ред. Имаше таков пример во Србија, кога граѓаните со право реагираа и навистина треба да ги уживаат сите права што ги уживаат и нашите работници – вели Димитров, посочувајќи примери дека неколку земји на Балканот веќе обезбедуваат услови за живеење и работа за странските работници.