Фото: ЕПА

Кина вети дека ќе преземе решителни контрамерки како одговор на царините наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп, објави Ксинхуа.

-Нема да биде лесно, но ќе победиме – уверуваше Трамп во саботата.

Вчера тој предупреди дека ќе воведе дополнителни 50 отсто царини за кинески стоки доколку Пекинг не ги повлече царините што ги воведе како одговор на неговите.

-Таканаречените реципрочни американски царини против Кина се неосновани и типична практика на еднострано малтретирање – изјави денеска портпаролот на кинеското Министерство за трговија.

Тој нагласи дека Пекинг „ќе се бори до крај доколку (Вашингтон) одлучи да продолжи по погрешниот пат“.

Заканите и притисокот не се начин за справување со Кина, изјави вчера портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, опишувајќи ги царините воведени од американскиот претседател Доналд Трамп за Кина како навредливи.

Царините се „типичен унилатерализам и протекционизам, економска злоупотреба“, рече Лин Џијан за време на редовна прес-конференција. Тој додаде дека американските царини во име на реципроцитет всушност им служат само на САД на сметка на другите земји.

Минатата недела Трамп воведе нови царини од 34 отсто на кинескиот увоз, како дел од мерките што ги воведе на повеќето американски трговски партнери. Ова го зголеми вкупното ниво на царини за кинески стоки на 54 отсто, а Пекинг одговори со контрамерки.

Лин го пренасочи прашањето за потенцијалните преговори со САД на други кинески владини тела.

– Американската злоупотреба со царините ги лишува земјите, особено оние на глобалниот југ, од нивното право на развој – рече Лин, истакнувајќи ја се поголемата нееднаквост меѓу богатите и сиромашните во секоја земја и особеното влијание на царините врз посиромашните земји.

Сите земји треба да се држат до консултации, заедничко одлучување и „вистинска мултилатералност“, рече портпаролот.

Тој ги повика земјите заеднички да се спротивстават на сите форми на унилатерализам и протекционизам и да го заштитат меѓународниот систем и мултилатералната трговија засновани на вредностите на Обединетите нации и Светската здравствена организација.


Би-би-си: Пекинг јасно покажува дека нема да отстапи пред најновите трговски притисоци од Трамп

Пекинг јасно покажува дека нема да отстапи пред најновите трговски притисоци од американскиот претседател Доналд Трамп, пишува Би-би-си во својата анализа.

Кинеското Министерство за трговија соопшти дека секој нов бран на американски царини ќе предизвика дополнителни кинески контрамерки насочени кон американските стоки. Во писмена изјава тие ја обвинија администрацијата на Трамп за „уцена“, предупредувајќи: „Ако САД опстојат на овој пат, Кина ќе се бори до крај“.

Би-би-си истакнува дека Кина реагирала особено остро на тврдењето на Трамп дека неговите царини се „реципрочни“, нарекувајќи ги „неосновани“ и „типично еднострано насилно однесување“.

Во анализата се проценува дека е тешко да се поверува дека Трамп навистина очекувал Кина да ги повлече минатонеделните контрамерки само затоа што најавил нови. „Покрај губењето на образот, не е за очекување кинеската влада, која сега отворено го нарекува американскиот претседател насилник, да попушти пред таква личност“, се наведува во анализата.

Според Би-би-си, Пекинг може да смета на поширока политичка поддршка од меѓународната заедница, но и на нови трговски можности надвор од САД, кои барем делумно би ги надоместиле загубите на американскиот пазар, „со неговиот цврст став кон трговскиот хаос што го поттикна Вашингтон“.

Но, аналитичарите предупредуваат дека ова не е поволен момент за трговска војна.

Како што пишува Би-би-си, Комунистичката партија и покрај се решила да испрати самоуверена порака до граѓаните. Во уводникот на дневниот весник „Пиплс дејли“, официјалниот весник на партијата, се наведува: „Кина има храброст и самодоверба да се соочи со последиците… таа е целосно способна да одговори на овој предизвик“.