Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун утринава пристигна во Русија, каде што треба да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.
Ким пристигна на посетата заедно со највисоките воени претставници кои раководат со фабрики за оружје и муниција, објави „АП“.
Средбата меѓу Путин и Ким ќе се одржи на далечниот исток на Русија, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
– Се уште не знаеме каде ќе се одвиваат разговорите. На далечниот исток – рече Песков, наведувајќи дека разговорите ќе се одржат меѓу двете делегации, како и меѓу двајцата претседатели, по што ќе следи официјална вечера, oбјави „Тасс“.
– Русија и Северна Кореја не се заинтересирани за изјави од САД, истакна Песков, коментирајќи ги предупредувањата на Вашингтон за продажба на севернокорејско оружје на Москва, пренесе „Ројтерс“.
Песков рече дека се важни интересите на Русија и Северна Кореја, а не предупредувањата од Вашингтон. Путин и Ким може да разговараат и за испраќање руска хуманитарна помош во Пјонгјанг, изјави утрово рускиот заменик министер за надворешни работи Андреј Руденко – пренесоа руските медиуми.
Севернокорејската новинска агенција „КЦНА“ соопшти дека Ким заминал со воз во неделата попладне придружуван од членовите на владејачката партија, владата и војската. Јужнокорејската војска проценила дека возот рано утринава влегол на руска територија – изјави Џеон Ха Ѓу, портпарол на јужнокорејското Министерство за одбрана.
Ким влегол во Русија со личен воз и пристигнал на станицата Хасан откако ја преминал границата, изјавиле извори блиски до руските власти, пренесе „Кјодо“.
Руската новинска агенција „Тасс“ објави дека Путин вчера пристигнал во Владивосток, каде што се одржува Источниот економски форум.
Ким и Путин последен пат се сретнаа во април 2019 година во Владивосток, а денешното патување е прва посета на Ким во странство од тогаш, откако Северна Кореја ги затвори своите граници поради пандемијата на коронавирус.