Напаѓачот од Нов Зеланд, Брентон Тарант, масовниот убиец од Норвешка Андерс Брејвик и Американецот осуден за тероризам Ерик Фрејн, ги поврзува слична извитоперена идеологија инспирирана од воениот период во поранешна Југославија. Заедничко за верските фанатици е што верувале дека дејствуваат во одбрана на христијанството, или пак, се фасцинирани од војните на просторот на поранешна СФРЈ.
Австралиецот Тарант објави видео-снимка од оружениот напад на која се слуша песната „Караџиќу води Србе своје“ посветена на лидерот на босанските Срби, Радован Караџиќ, во која се спомнуваат и „хрватските усташи“. На Интернет се појави и снимка, за која не постои потврда за автентичност, на која се забележува Австралиецот кој носи оружје, на кое се испишани и две српски имиња на кирилица. На шаржерите кои, наводно, ги користел убиецот на кирлица се напишани имињата Стефан Лазар, Марко Миљанов Поповиќ и други, објави британски „Дејли мејл“. Станува збор за имиња на српски кнез од 14-от век и црногорски војвода од 19-от век. Во денешниот напад во две џамии во градот Крајстчрч на Нов Зеланд, загинаа најмалку 49 лица, а 20 се потешко повредени.
Слични мотиви имаше и Андерс Брејвик кој усмрти 77 луѓе во Норвешка, во оружен напад во 2011 година. Тој во повеќе наврати истакнуваше „оти избрал нов идентитет увезен од Србија“, односно од Србите кои се бореле против НАТО за време на бомбардирањето на тогашна СР Југославија во 1999 година и од нивниот менталитет на „крстоносци“. Брејвик посочи дека бомбардирањето на СР Југославија било „капка што ја прелила чашата“ за милитантите каков што е тој.
Ерик Фрејн е американски терорист осуден на смртна казна поради убиството на еден полицаец и ранувањето на уште еден припадник на полицијата, во оружен напад во 2014 година. На видео-снимките на неговиот јутуб-канал се забележува фасцинираност со војна, оружје и со техники за преживување. Американецот кој бил познат под прекарот Вучко, објавил и видео-материјал на кој се забележува како група луѓе, облечени во српски униформи, изведуваат воени маневри во шума.
– Ниеден од нас не е Србин, само луди Американци – напиша Фрејн на Јутуб.
Фрејн беше фатен на 30 октомври 2014 година по 48 дена поминати во бегство, откако го изведе нападот врз полицајците. Тој беше осуден на смртна казна во 2017 година. М.Ж.