Денесе е четврти ден од судирите меѓу израелската армија и Хамас.

Израелските одбранбени сили објавија дека ја вратиле контролата врз границата меѓу Израел и Појасот Газа.

Иако Хамас претходно се закани дека ќе ги погуби заложниците, вели дека е отворен за преговори за примирје.

Израелската армија соопшти дека во Израел и во Појасот Газа се пронајдени тела на 1.500 милитанти на Хамас.

Портпаролот на армијата Ричард Хехт рече дека ниту еден милитант на Хамас не преминал во Израел од понеделникот вечерта, иако тој рече дека инфилтрациите сè уште се можни.

Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) објави дека во нејзините засолништа во Газа се сместени повеќе од 137.000 луѓе кои се засолниле поради израелските напади.

Агенцијата соопшти дека 83 училишта на УНРВА се претворени во засолништа, а едно од тие училиша во кое се сместени раселените семејства е „директно погодено“, но не пренесе дополнителни детали, за тоа колку луѓе имало во засолништето во моментот на нападот.

УНРВА, исто така, објави дека е принудена да ги затвори сите 14 центри за дистрибуција на храна и дека како резултат на тоа половина милион луѓе престанале да добиваат помош во храна.

Иранското Министерство за надворешни работи ги отфрли обвинувањата дека имало директна улога во организирањето на нападот на Хамас врз Израел.

– Обвинувањата за улогата на Иран се засновани на политички мотиви“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи Насер Канани на прес-конференција, пренесе Ројтерс.

Канани рече дека Иран не интервенира „во одлучувањето на другите земји, вклучително и Палестина“ и му се закани на Израел со „уништен одговор“ доколку го нападне Иран.