Фото: ЕПА

Организацијата за атомска енергија на Иран денеска соопшти дека нема да дозволи развојот на „националната индустрија“, имајќи го предвид нуклеарниот развој на земјата, да биде запрен – јавија светските агенции.

Таа потврди дека се извршени напади врз нејзините нуклеарни постројки во Фордоу, Исфахан и Натанц, но нагласи дека нејзината работа нема да биде запрена.

– Организацијата за атомска енергија на Иран ја уверува големата иранска нација дека и покрај злонамерните заговори на нејзините непријатели, со напорите на илјадници нејзини револуционерни и мотивирани научници и експерти, нема да дозволи да се запре развојот на оваа национална индустрија, за која нашите нуклеарни маченици ја пролеаја својата крв – се вели во соопштението на агенцијата, цитирано од „Асошиејтед Прес“.

Организацијата наведе дека нападите врз нејзините нуклеарни постројки го прекршуваат меѓународното право, без да го образложи обемот на штетата од американските напади, кои претходно ги објави претседателот Доналд Трамп. Таа соопшти дека на својата агенда ги ставила потребните мерки, вклучително и правни постапки, за заштита на правата на Иран и додаде дека очекува меѓународната заедница да го осуди „беззаконието засновано на законот на џунглата“ и да го поддржи Иран во остварувањето на своите легитимни права.