Фото: Влада

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ќе се соочи со Парламентот за да го поттикне процесот кон изборите на 23 февруари, со надеж дека ќе може да се надмине политичката криза и да освои втор мандат.

Шолц (66), чија коалиција пропадна минатиот месец, свика гласање за доверба што се очекува да го изгуби, со што се отвора патот за распуштање на Бундестагот и враќање на гласачките кутии.

Фридрих Мерц (69), главниот кандидат на конзервативната опозициска алијанса ЦДУ-ЦСУ на поранешната канцеларка Ангела Меркел, е во голема предност во анкетите.

Кавгата на коалицијата околу фискалните и економските проблеми дојде до врвот кога Шолц го отпушти својот министер за финансии на ФДП, Кристијан Линднер на 6 ноември, истиот ден кога Трамп беше реизбран.

Заминувањето на ФДП на Линднер го остави Шолц на чело на малцинска влада со Зелените на вицеканцеларот Роберт Хабек и министерката за надворешни работи Аналена Баербок.

Не можејќи да ги донесе главните нацрт-закони или нов државен буџет без поддршка од опозицијата, владата сега тешко се движи, а сите страни се во изборен режим, јавуваат германски медиуми.

Политичките превирања во Германија доаѓаат кога клучниот партнер во ЕУ, Франција, исто така, беше зафатена од криза и неволја, поради што претседателот Емануел Макрон во петокот побара од центристот Франсоа Бајру да се обиде да формира нова влада.

Германските пратеници ќе се состанат од 13 часот во Долниот дом, при што прво ќе зборува Шолц, по што ќе следи дебата, а потоа гласање.

За да се обезбеди исходот за недоверба, Зелените ветија дека ќе се воздржат, откако екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) се закани дека ќе го попречи процесот гласајќи за Шолц.

Доколку Шолц го загуби гласањето,претседателот Франк-Валтер Штајнмаер може да го распушти законодавниот дом и формално да го прогласи договорениот датум за избори на 23 февруари.

Германската политика во повоената ера беше долготрајна, стабилна и доминирана од двете партии од големи шатори, ЦДУ-ЦСУ и СПД, при што малата ФДП често играше голема улога.

Зелените се појавија во 1980-тите, но политичкиот пејзаж беше дополнително фрагментиран во текот на изминатата деценија со подемот на АфД. Формирана како евроскептична крајна партија, АфД прерасна во голема политичка сила кога протестираше против политиката на Меркел на отворени врати за мигрантите, а сега има поддршка од околу 18 отсто од гласачите.

Додека другите партии се обврзаа на „заштитен ѕид“ на несоработка со АфД, некои од нив позајмија од нејзината антиимиграциска и антиисламска реторика, наведуваат локалните медиуми.

По падот на сирискиот претседател Башар ал Асад, некои пратеници на ЦДУ брзо побараа околу еден милион сириски бегалци во Германија да се вратат во нивната матична земја.

Во дел од анализите, германските медиуми наведуваат дека во државата може да се види „политички дискурс што е потензиучен од пред неколку години и дека државата е зафатена со сомнеж“.