Двајца станари, еден пожарникар и еден полицаец се повредени во пожар што избувна синоќа во зграда во скопската населба Кисела Вода, спроти Општината. Еден стан е целосно изгорен, а неколкуте зафатени ги оставија станарите под ведро небо, објави на Фејбук претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.
– Веднаш со мојот тим се упативме на местото на настанот. Жителите на оваа зграда се евакуирани и во моментов се во мојот кабинет, на безбедно и топло и тука ќе останеме заедно. Заеднички ќе најдеме решение за сѐ ова, мојот народ не го оставам на милост и немилост! Сакам да се заблагодарам на екипите на Противпожарната бригада од Скопје и МВР кои со својата професионалност беа на висината на задачата и пожарот е локализиран, што е најважно нема човечки жртви – напиша градоначалникот Ѓорѓиевски.
Тој изрази благодарност до соседите за нивната смиреност и заедно, како што напиша, спречивме голема катастрофа.
– Оваа ноќ ќе ја поминеме заедно, ќе најдеме и преноќиште, а уште рано наутро ќе помогнеме со сите расположливи ресурси и оваа трагедија, заеднички ќе ја надминеме! – се вели во објавата на Ѓорѓиевски.
Командантот Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје (БППЗ) Звонко Томевски утрово за МИА изјави дека пожарникарот бил пратен на снимање и потоа е вратен на работа.