Фото: Маја Јаневска-Илиева

Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.

Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.

„Овогодишниот Велигден го доживуваме поразлично од досега, по страшниот пожар во Кочани во кој пострадаа шеесетина наши чеда, а повеќе од двесте беа повредени. Трагедијата за кусо време, како ретко кога, го сплоти во тага и во молитви сиот наш народ, но и сите оние коишто сочувствуваа со нас. Истовремено, кочанското страдање на најсуров начин повторно нè соочи со немилосрдната стварност на смртта. Во молитвеното испраќање на овие млади луѓе и во привремената разделба со нив, ништо друго не можеше да ни даде сила и утеха освен простувањето од нив со бодра надеж во воскресението“, порачува архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во Пасхалното послание.

Оваа година, Велигден, покрај православните, на ист ден го слават и католичките верници. Ваквото поклопување не се случува често, бидејќи источната и западната црква користат различни календари (јулијански и грегоријански), но годинава датумите се совпаѓаат. Последното славење на Велигден на ист ден беше во 2017 година, а следното ќе биде на 16 април 2028.