Словачкиот премиер Роберт Фицо вети дека ќе го блокира влезот на Украина во НАТО се додека е на чело на словачката Влада.
Раководството на НАТО сака Украина да се приклучи на одбранбениот сојуз по завршувањето на војната со Русија за да се одврати секоја натамошна агресија на Москва, но изјавата на Фицо ги нагласува политичките тешкотии што веројатно ќе се појават при постигнувањето на оваа цел.
-Се додека сум на чело на словачката Влада, ќе им наредам на претставниците кои се под моја контрола како претседател (на владејачката партија Смер) никогаш да не се согласат Украина да влезе во НАТО – рече тој за словачки медиуми.
Ставот на Фицо драматично се разликува од оној на Марк Руте, новиот генерален секретар на НАТО, кој во четвртокот рече дека „Украина е поблиску до НАТО од кога било досега и ќе продолжи да го прави тоа додека не стане членка на Алијансата“.
Според основачкиот договор на НАТО од 1949 година, одлуките за проширување се носат со „едногласен договор“, што значи дека противењето на Фицо за пристапување на Украина во Алијансата навистина може да го блокира нејзиното членство барем до крајот на сегашниот мандат на словачкиот лидер на власт во 2027 година.
И други членки на НАТО, пријателски настроени кон Русија, исто така би можеле да се обидат да ја спречат желбата на Украина да се приклучи на Алијансата.
Слична ситуација имаше откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, кога Шведска и Финска аплицираа за членство во НАТО, но беа блокирани од Турција и Унгарија една година и 10 месеци. Додека Турција се спротивстави на активностите на курдските активисти во Шведска и ограничувањата на извозот на оружје од Запад во Анкара, причините за отпорот на Унгарија никогаш не беа експлицитно наведени. Двете земји конечно влегоа во НАТО на 4 април годинава.
Откако победи на изборите минатата есен, Фицо ја смени политиката на претходната влада за обезбедување материјална поддршка на Украина во нејзината војна со агресорската сила и наместо тоа вети дека неговата влада нема да испрати „ниту еден куршум“ во Украина.
Фицо минатиот четврток вети дека „ќе стори се за да ги обнови економските односи со Русија“.