Раздвижени дипломати и отворање на комуникациски канали меѓу САД и Иран
- Во услови на зголемени регионални тензии и неизвесност околу идниот тек на воениот судир, неофицијални американски извори блиски до дипломатски кругови во Скопје, брифираат дека изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за започнати разговори не се без основа. Иако во јавните настапи претседателот сугерираше дека постои напредок кон „главни точки на согласност“, од брифингот произлегува понијансирана, но сепак значајна дипломатска динамика зад сцената
Според информациите до кои дојде нашиот весник, „директна комуникација меѓу Трамп и ирански претставници не се случила“. Но во добиената информација од брифингот се вели дека наместо директна комуникација на највисоко ниво, „клучната улога ја имаат специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф и советникот и негов зет, Џаред Кушнер“, кои веќе имаат искуство во претходни контакти со иранската страна. Според добиената информација, „доцна вечерта на 22 март се остварило разговор на висок ирански функционер со споменатите американски претставници“. За наводниот контакт се вели дека е „значаен сигнал за обновување на дипломатските канали“. Разговорите, според истите извори, ќе продолжат и во текот на оваа недела.
Официјални посреднички напори за обновување на дијалогот Вашингтон-Техеран
Паралелно со овие неофицијални контакти, се интензивираат и посредничките напори на трети земји. Европски дипломатски извори, пренесени од западни медиуми, укажуваат дека иако нема директни разговори меѓу САД и Иран, активна улога играат држави како Египет, Пакистан и неколку земји од Персискиот Залив, кои пренесуваат пораки на предлог-иницијативи, и на двете завојувани страни.
Најконкретен исчекор, според информации од пакистански официјални лица (дадени за агенцијата Ројтерс), би можел да се случи токму во Исламабад. Таму, уште оваа недела, се разгледува можноста за директна средба меѓу високи американски и ирански претставници. Се споменува потенцијално присуство на американскиот потпретседател Џ.Д. Венс, како и Виткоф и Кушнер, што би претставувало прв ваков формат по прекинатите разговори во Женева. Овие наводи добиваат дополнителна тежина по потврдата од Белата куќа за телефонски разговор меѓу Трамп и началникот на пакистанската армија, генерал Асим Мунир – индикатор дека Исламабад би можел да игра клучна улога како домаќин и посредник во евентуалните преговори.
Сигнали од Техеран
Во меѓувреме, иранските институции испраќаат внимателно избалансирани сигнали. Додека претседателот на парламентот експлицитно негира какви било директни или индиректни контакти со Вашингтон, други канали упатуваат на подготвеност за деескалација. Претседателот Масуд Пезешкијан и пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф разговарале за последиците од конфликтот врз регионалната и глобалната безбедност, додека шефот на иранската дипломатија, Абас Аракчи, ги интензивира консултациите со регионални партнери, вклучително и околу чувствителните прашања поврзани со Ормускиот теснец. Иако официјалните потврди сè уште се воздржани, акумулацијата на дипломатски активности, посреднички иницијативи и неформални контакти создаваат основа за внимателен оптимизам. Доколку најавените средби во Исламабад се реализираат, тие би можеле да означат пресвртна точка – прв конкретен чекор кон формализирање на преговарачки процес меѓу САД и Иран.
До крајот на тековнава недела, се создава амбиент на умерен оптимизам за почеток на крај на војната
Во ваков контекст, изјавата на Трамп дека „имаме речиси сите точки на согласност“ можеби е прерана во формална смисла, но очигледно ја рефлектира реалноста на забрзано дипломатско позиционирање. Прашањето повеќе не е дали постојат канали на комуникација, туку дали тие ќе се институционализираат во официјален процес. До крајот на неделава, одговорот би можел да стане појасен. Ако сигналите се потврдат, светот би можел да сведочи на почеток на нова рунда разговори – со потенцијал да го пренасочи текот на кризата од конфронтација кон дипломатија. Р.Н.М.































