Многумина коментираат дека или дивите животни се охрабриле да слезат во градот или пак, луѓето се пренаселиле во шумата
Диви свињи и лисици забележуваат граѓаните на Скопје како се симнуваат во урбанизираниот дел на подножјето на Водно.
На снимките кои до редакцијата на „Нова Македонија“ ги испратија граѓани од комплексот станбени згради „Панорамика“ се гледа како диви животни ја поминуваат улицата и бараат храна.
Во моментот кога животните се осветлени од возила се тргаат настрана од коловозот и се повлекуваат во шумата.
Планинарите кои се чести посетители на Водно велат дека природна животна средина на дивите свињи е стеснета од прогресивната урбанизација во овој дел на Скопје.
Диме Меловски, раководител на Програмата за зачувување на диви видови животни во Македонското еколошко друштво (МЕД) вели дека нивните сознанија говорат дека диви свињи отсекогаш живееле на Водно, се среќавале траги од нив, но и дека во последните години биле повеќе намножени.
– Веројатно последниве години имало повеќе храна и така се зголемила и нивната популација. Храната е неопходна да преживеат младите примероци. Летно време е малку поспецифично да дојдат до храна, наспроти есенскиот период кога има и плодови, а има и повеќе луѓе по планините, кои оставаат ѓубре од храната што ја носат со себе. Тоа всушност ги привлекува и животните. Затоа, во природа треба покоректно да се однесуваме со органскиот отпад, како храната, односно да не се остава во природата – посочува Меловски.
Во случајот, кога чопор диви свињи и лисица се приближиле до урбанизираниот дел во подножјето на Водно, Меловски вели дека не се работи за некоја абнормална појава, како беснило или нешто поради кое животните се однесуваат поспецифично, туку напротив, најверојатно е дека тргнале по храна.
– На Водно не се лови, па животните се помалку вознемирени. Никој не ги гони, па затоа можат и да се охрабрат и да се спуштат во подолните делови од планината. Тие имаат поизразен мирис и слух од нас и оддалеку можат да насетат дека во нивна близина има човек и да го избегнат контактот со него. Инаку, дивите кучиња се поголем проблем отколку дивите свињи -додава тој.
Меловски објаснува дека луѓето не треба да стравуваат дека ќе бидат нападнати зашто дивите свињи и лисиците се плашливи по природа и први ќе избегнат при контат со човекот.
– Нема потреба да се плашиме. Сите инциденти што се случиле биле кога животните биле ранети, односно биле заловувани. Би апелирал сите ние посовесно да се однесуваме со органскиот отпад, а надлежните институции да постават специјални контејнери, каде ќе може да се фрли отпад, а животните нема да можат да дојдат до него, нема да можат да го извадат ѓубрето или да го превртат – заклучува Меловски.