Македонскиот репрезентативен голман, Столе Димитриевски најавува максимална борбеност против Португалија во вечерашното финале од плејофот за пласман на Светското првенство 2022.
– Наше е да излеземе на „Драгао” и да го дадеме најдоброто од себе. Ништо повеќе, ништо помалку. Овој меч е тоа што го посакувавме цел живот. Го заслуживме и ќе се бориме да го оствариме сонот. Нашиот и на цела Македонија – изјави Димитриевски за „Видеолотарија Касинос Австрија“ партнерот на „црвено-жолтите“.
На својот 54-ти настап во националниот дрес, Димитриевски сигурно ќе биде изложен на огромни искушенија, соочен со налетите на еден од најдобрите фудбалери во историјата на оваа игра, Кристијано Роналдо, меѓутоа и на неговите вонсериски колеги од репрезентацијата како Бруно Фернандеш, Диого Жота, Жоао Феликс…
– Ќе биде исклучително тешко. Португалија е една од најсилните светски репрезентации. Имаат неверојатен индивидуален квалитет, покриени се на сите позиции и секако дека влегуваат како фаворити. Треба да го исполниме тоа што од нас го бара селекторот. Секој ја знае својата задача и мора да бидеме максимално фокусирани. Веруваме во себе и ќе излеземе со желба и мотив да испишеме историја за македонскиот фудбал – додаде Димитриевски.
Португалците играат за осми настап на Мундијалите, Македонците за историски, прв.
Натпреварот ќе се игра на стадионит „Драгао“ во Порто со почеток во 20 часот и 45 минути.