Изборната кампања за претседателските избори официјално започнува на 4 април, но кандидатите, особено, оние кои се сметаат за фаворити од двете најголеми партии одржуваат состаноци со партиските бази и реализираат други активности. Државната изборна комисија, пак, предупредува дека многу граѓани нема да можат да го остварат правото на глас поради немање важечки документи.
Претседателот на ДИК Александар Даштевски изјави дека Комисијата предлага во Изборниот законик да се внесе преодна одредба со која ќе се овозможи на овие избори да се гласа и со старите важечки документи.
– Како ДИК до Собранието дадовме еден предлог до Собранието – во Изборниот законик да се направи измена во која ќе има преодна одредба само за овие избори, да важат и старите важечки документи за да можат да гласаат сите граѓани. Дали тоа ќе се усвои или не, зависи од Собранието – истакна Даштевски.
Што се однесува до лицата кои навршуваат 18 години, Даштевски рече дека тие ќе можат да се пријават за да бидат внесени во Избирачкиот список.
-За полнолетните е изнајдено решение и точно се знае според закон до кога ќе можат да се запишуваат. Тоа што е во законот, тоа е – рече претседателот на ДИК.
Инаку, вчера во Собранието свечена изјава даде Абдуш Демири, новиот член на ДИК со кој се комплетира седумчлениот состав на Комисијата, откако повеќе месеци беше испразнето едно место по заминувањето на Кренар Лога, министерот за правда. Новиот член на ДИК беше предлог на албанската опозициска коалиција.
Во тек е увидот на Избирачкиот список, тече рокот за поднесување и барања од дијаспората за гласање на претседателските избори на 24 април и на парламентарните на 8 мај.
Според информациите на МИА од ДИК, вкупно 2.140 лица направиле увид во своите податоци во Избирачкиот список (ИС) во подрачните одделенија и канцеларии ДИК, но за тоа колку лица ги провериле податоците по електронски пат во Комисијата за МИА велат дека немаат увид.
Досега три лица поднеле барање за промена на своите податоци во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК, а едно поднело барање за запишување на своите податоци.
По електронски пат осум лица поднеле барање за промена на податоци, едно за бришење на податоци и едно за запишување на податоци.
Крајниот рок за поднесување на барања за запишување, дополнување или бришење на податоците во изводите на Избирачкиот список е до 18 март, понеделник. Рокот важи и за парламентарните и претседателските избори.
До петок трае собирањето потписи од граѓаните за кандидатите за претседател на претстојните избори. На листата кандидати кои ги собраа потребните 10.000 потписи, изминатите денови се најдоа и кандидатот од СДСМ Стево Пендаровски и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска.
Кандидатот и актуелен претседател Стево Пендаровски до вчера имаше собрано 21.852, а Гордана Силјановска – Давкова 28.029 гласови.
Претходно, потребниот број на гласови ги собраа и кандидатот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Бујар Османи, Арбен Таравари од опозицискиот блок „Вреди“, Максим Димитриевски лидерот на ЗНАМ-За наша Македонија, Билјана Ванковска Цветковска кандидат на Левица и претседателот на ГРОМ Стевчо Јакимовски.
Димитриевски има освоено 11.601, Османи 11.085, Јакимовски 10.887 потписи, Таравари 10.709 потписи и Ванковска Цветковска 10.432.
Сите останати пријавени кандидати за шеф на државата имаат помалку потписи – кандидатката Мерсиха Смаиловиќ поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз има 1.596, кандидатот Вело Марковски – 1.466 потписи, Ѓорѓи Манасков – 429, Зорица Цветковска – 204, Господин Попоски има 119 потписи. Според податоците од ДИК, во овие пет дена, ниту еден потпис нема за кандидатот Томе Николоски.
Потпис за подносителите на кандидатура за претседател на државата оставиле вкупно 108.409 граѓани.
Постапката за собирање потписи, која почна на 23 февруари ќе трае непрекинато секој ден од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март до полноќ.
Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.
Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ.