Фото: Марин Матев / Илустрација

Активни се девет пожари на отворен простор заклучно со седум часот утринава, од вкупно 63 во текот на вчерашниот ден, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК). Под контрола се четири пожари, еден е локализиран, а 49 се изгаснати.

ЦУК соопшти дека се активни пожарите во Чучер Сандево – Блаце, каде е зафатена ниска вегетација, во село Визбегово во Шуто Оризари каде гори депонја, во Прилеп – село Бешиште, место викано Бешишки рид, мешана шума. Во пожари во Македонски Брод, се зафатени дабова шума и грмушки, помеѓу селата Црешнево и Локвица, ниска вегетација од пожар проширен од фабрика „Самоков“ во село Рамне, како и мешана шума во селата Слатина и Ковче. Исто така во општина Чашка, под Солунска Глава, кај местото викано Изворите на Бабуна и Бабина Дупка, има чад во карпест дел, а гори и нискостеблеста шума во село Николиќ во Дојран.

Локализиран е пожарот во Кочани, место викано Бабиште, помеѓу селата Јастребник и Полаки, со кој се зафатени ниска вегетација и мешана шума.

Според ЦУК, под контрола се пожарите во Делчево на Градска депонија „Острец“, во Виница – село Драгобраште (ниска вегетација и нискостеблеста шума), во Крива Паланка – село Градец и село Лозаково (борова, дабова и багремова шума) и во Желино – селоЛарце – различна локација (мешана шума).

АМСМ изутринава соопшти дека сообраќајот на потегот од клучка Орман до клучка Мирковци е пуштен за редовен сообраќај, исто така и на потегот Скопје-ГП за ГР Блаце и во двата правца на експресениот пат Ранковце-Крива Паланка. Сообраќајот на овие патишта беше во прекин поради пожарите.

Поради состојбата со пожарите во Владата синоќа заседаваше Кризниот штаб, а активиран е и европскиот механизм за помош во справување со пожарите.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по седницата на Крзниот штаб изјави дека причина за ширење на пожарите во најголема мера биле неповолни временски услови и силен ветер, но посочи дека за дел има основи на сомнение дека се подметнати од човечки фактор близу клучни инфрастриктурни капацитети, патишта, густо населени области и приватни објекти.

-Максимално се ставаат во функција сите капацитети на државата во функција, со тоа што морам да истакнам дека од Грција се дадени на испомош два канадери, кои што ќе бидат ставени во функција, како и два пешадиски тима кои се ставени на располагање преку ЕУ механизмот. Сите владини институции целосно се мобилизирани и активно се вклучени на терен. Во приправност се ставени 300 војници, од кои околу 150 активно беа вклучени на терен, како и околу 400 полициски службеници, кои беа активно вклучени на терен – изјави Тошковски.