Лондонскиот аеродром Хитроу е затворен поради прекин на струја. Како што објави аеродромскиот оператор на својата веб-страница, работата на аеродромот ќе биде прекината до полноќ (сабота 1.00 часот по средноевропско време) „за да се обезбеди безбедноста на нашите патници и колеги“.
На патниците им е препорачано да не патуваат до овој аеродром и да контактираат со својата авиокомпанија.
Причина за затворањето на Хитроу е пожар во блиска трафостаница која го снабдува аеродромот со струја. Ова резултираше со голем прекин на електричната енергија.
Како мерка на претпазливост, евакуирани се околу 150 луѓе.
– Пожарот предизвика прекин на електричната енергија од кој се погодени голем број домови и локални бизниси, а ние тесно соработуваме со нашите партнери за да има што помалку проблеми – изјавил Пат Гулбурн, заменик директор на лондонската противпожарна служба.
Лондонската противпожарна бригада соопшти дека околу 70 пожарникари се борат со пожарот во западен Лондон што предизвика голем прекин на електричната енергија на Хитроу, најпрометниот аеродром во Европа и петти најпрометен аеродром во светот – пренесува Хина.
Според веб-страницата за следење летови FlightRadar24, најмалку 120 дојдовни летови до Хитроу морале да бидат пренасочени кон други аеродроми. Вкупно 1.351 лет требало да слетаат и полетаат од Хитроу во петок.
Експертите од индустријата велат дека туризмот, патувањето и трговијата дополнително ќе бидат нарушени ширум светот бидејќи летовите ќе бидат откажани или одложени бидејќи авионите не се на нивните позиции.
Причината за пожарот сѐ уште не е позната. Сликите објавени на социјалните мрежи покажуваат огромни пламени јазици и големи облаци чад кои доаѓаат од објектот.