Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која е обвинета во повеќе случаи, денеска побара „остварување на нејзините права во областа на судството и заштита на правата на децата и жените”, преку отворено писмо до министерките за правда и за труд и социјала Рената Дескоска и Мила Царовска.
Јанкулоска, која е во поодмината бременост, смета дека нејзините права се грубо повредени, и бара министерките да преземат соодветна акција во рамките на нивните надлежности, за нејзина заштита.
Поранешната министерка за внатрешни работи смета дека постапувањето на судскиот совет во предметот „Тенк“ довело до повреда на нејзините човекови права, со што таа е загрижена за своето здравје. Јанкуловска го обвинува и Специјалното јавно обвинителство за бескрупулозност со која се повредени повеќе меѓународно загарантирани права.
– Сега е вистински момент да се побара одговорност и да се покаже вистинска грижа, која ќе ги убеди граѓаните дека не живееме во земја од третиот свет туку во земја со апсирации за евроатлански интеграции – пишува меѓу другото Јанкулоска, поради чие отсуство вчера беше одложено судењето за случајот „Тенк“, додека поради нејзината здравствена состојба беше одложено и судењето за „Титаник“.