Во екот на предвремените парламeнтарни избори, од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување, ХЕРА, апелираат до сите кандидати и кандидатки од политичките партии, да користат јасни недвосмислени пораки и точни информации кога станува збор за сеопфатното сексуално образование (ССО).
– Имајќи ја предвид важноста на сеопфатното сексуално образование, но и одговорноста и обврските што произлегуваат од секој јавно кажан збор, го поздравуваме обидот да се актуелизира ССО како тема во јавноста, но апелираме до сите носители и кандидати за јавни функции своите ставови и мислења да ги засноваат на научно докажани факти и сознанија и да консултираат стручна и релеватна литература, како и граѓански организации кои долго време работат на оваа тема – се наведува во соопштението во кое се додава дека кога веќе кандидатите јавно го препознаваат ССО како важно, да се заложат за негово воведување како изборен предмет во основното и средното образование.
Од ХЕРА појаснуваат дека сеопфатното сексуално образование ги вклучува сите културолошки, психо-социјални и емоционални аспекти на сексуалноста, вклучително и задоволството и сексуалната различност, кои претставуваат основа за развој на здрава и толерантна млада личност.
Преку него, велат од Асоцијацијата, младите се запознаваат со темите како род, врски и односи, тело и слика за телото, сексуално и репродуктивно здравје (ХИВ, сексуално преносливи инфекции, контрацепција), сексуалност и сексуално однесување, насилство и граѓански аспекти.