Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин изјави дека владата започнала процедури за затворање на шест џамии и укинување на бројни здруженија, кои имале цел да промовираат, како што Париз го нарекува, „радикален ислам“, пренесуваат медиумите во светот.
Министерот Дарманин, во интервју за францускиот весник „Фигаро“, изјави дека една третина од 89 -те места за богослужба, за кои постои сомневање дека се радикални и кои се вклучени во списоците на разузнавачките служби, се следени од ноември 2020 година“.
Тој додаде дека владата иницираше акција за затворање на шест места за богослужба во пет области.
Според француските власти, безбедносните служби извршиле речиси 24.000 претреси и 650 затворања на места посетени од екстремисти од 2017 година, како дел од политиката на Париз за борба против, како што се вели, исламскиот сепаратизам.
– Во следната година, десет други здруженија ќе бидат предмет на постапка за укинување – додаде Дарманин.
Според анализите на тамошните медиуми, на 24 септември, Државниот совет на Франција ја одобри владината одлука за укинување на „Колективот за борба против исламофобија во Франција“ и „Барака Сити“. Владата одлучи да ја забрани работата на овие здруженија кон крајот на 2020 година, по убиството на наставникот по француски јазик, Самуел Пети, во октомври 2020 година, кому му беше отсечена главата од муслимански напаѓач.