Денешната посета на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас на Скопје, со директен лет од атинскиот до скопскиот аеродром е една од главните теми во грчките медиуми. Во утринските информативни емисии на грчките телевизии, новинари и пратеници од различни партии дебатираат за патувањето на Никос Коѕијас во македонската престолнина.
Новинарите во Грција, акцентот го ставаат на фактот дека разговорите за името влегуваат во клучна фаза, со испратените предлози и од двете страни, но и на тоа дека по прв пат по пауза од над 10 години Коѕијас со директен лет, од Атина ќе пристигне во Скопје.
-Историска посета на Коѕијас на Скопје“ е насловот на текстот на грчката новинска агенција АНА-МПА – објавен неколку часа пред патувањето во Македонија на министерот за надворешни работи на Грција.
– Денеска попладне, министерот за надворешни работи Никос Коѕијас и грчката делегација, придружувани од бројна новинарска екипа, заминуваат за Скопје во посета од историско значење, со прв директен лет по 12 години, по неодамнешното преименување на аердормот од „Александар Велики“ во „Меѓународен аеродром Скопје“ – пишува грчката новинска агенција и додава дека вечер Коѕијас ќе има работна вечера со неговиот македонски колега, а утре маратонски средби и преговори со државниот врв и опозицијата.
„Коѕијас во ПЈРМ, прв директен лет Атина-Скопје“; „Попладнево Коѕијас во Скопје – утре клучни разговори за името“; „Коѕијас денес во Скопје за одново започнување на преговорите“; „Коѕијас слетува во Скопје – многу несогласувања и тешка клима во преговорите“; „Прв директен лет по 12 години“, се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми.
Грчките новинари, како на телевизиите така и во електронските медиуми, ги споменуваат седумте точки од грчката нацрт спогодба, точки кои и самиот Коѕијас ги има јавно соопштено, а тоа се: името, употребата на името, јазикот, идентитетот, трговската употреба, акронимите и кратенките. Но, и анализираат во кои делови има поклопувања, а во кои разлики во позициите на двете страни.
Грчкото барање за промена на македонскиот устав, спектарот на употреба на новото име, но и идентитетот, според медиумите во Грција се точките за кои Скопје и Атина имаат различни ставови.
Судејќи според досегашните написи во грчките медиуми, од петте предлози на медијаторот Нимиц, Горна Македонија, е името што го преферира Грција, но без превод, во еден слеан збор.
Секако, новинарите во Грција, не испуштаат да споменат дека и во самата грчка влада постојат различни ставови, со коалициониот партнер Панос Каменос, да не отстапува од неговата позиција против употребата на терминот Македонија во името.