Една година од убиството на саудискиот новинар
Новинарот Џамал Кашоги можеше да биде прогласен за херој поради плаќањето на најскапата цена заради сопствената верба во слободата на говорот. Наместо тоа, неговото убиство во Истанбул претставува предупредувачка приказна. Колку и да е брутално злосторството, без разлика на тоа колку е позната жртвата или колку се инкриминирачки доказите, правдата е недостижна за оние кои се спротиставуваат на моќта со зборување на вистината, објавува Си-ен-ен.
– Бројни прашања остануваат неодговорени една година по убиството на Кашоги. Но познатите детали го оставија светот во шок и во неверица. Знаеме дека саудиските власти сакаа да го замолчат Кашоги. Знаеме дека тој живееше во страв, плашејќи се дека ќе го снајде истата судбина како и бројни дисиденти кои беа грабнати и вратени насила во Саудиска Арабија. Знаеме дека 15 агенти беа испратени во Истанбул за да го замолкнат. И знаеме дека целиот процес го надгледувала личност блиска до саудискиот принц Мохамед бин Салман. Она што не го знаеме е дали сторителите ќе бидат прогласени за виновни за убиството на Кашоги – се наведува во анализата на Си-ен-ен.
Саудијците истакнуваат дека судењето е во тек, откако неволно потклекнаа под меѓународниот притисок, но тие го држат судскиот процес обвиен во тајност. Саудискиот принц во неодамнешно интервју кажа дека тој сноси вина за убиството како лидер на државата, за потоа да се дистанцира од злосторството, велејќи дека тоа се случило без негово знаење.
Пораката е јасна: Ако Саудиска Арабија може да се извлече со убиството на некој како Кашоги, тогаш може да се извлече со се останато, слично како и другите репресивни режими.
Стравот од говорењето против Ријад се прошири меѓу заштитниците на човековите права во државите кои се блиски на Саудиска Арабија. Неказнивоста на Саудиска Арабија исто така испраќа порака до другите земји како што се Обединетите Арапски Емирати, каде што луѓето, наводно, се притворани поради содржината што ја објавуваат на социјалните мрежи, или Египет каде што стотици демонстранти се уапсени во изминатите неколку недели – дека тие можат да продолжат со апсењето на критичарите и на останатите неистомисленици.
Просторот за слободата на изразување и за слободните медиуми значително се намалува во регионот, што и самиот Кашоги го знаеше. Тоа што требаше да биде пресвртница во заштитата на новинарите и на дисидентите сега стана предупредувачки знак.