Триесет и пет граѓани на Авганистан кои привремено престојуваа во Македонија денеска заминаа за Грција која им обезбеди трајно прибежиште, информираа од Владата. Групата ја сочинуваат активисти за човекови права и женски права и членови на нивни семејства.
– Во изминатиот период нашата земја им обезбеди привремено засолниште како дел од големата меѓународна операција за помош на вработени во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, преведувачи, студенти и стипендисти и нивни семејства, а се под закана на новиот талибански режим во земјата – соопштија владините служби.
Во земјава престојуваат 407 граѓани од Авганистан.
Институциите, како што е посочено, во текот на нивниот престој им ја пружаат целата потребна поддршка додека не се обезбеди трансфер до нивната крајна дестинација. Трошоците во целост се покриени од меѓународните организации.