За време на летот со службениот авион, американскиот претседател, Доналд Трамп, и сопругата Меланија им оддадоа почит на жртвите од терористичките напади на 11 септември 2001 година.
Стоејќи мирно во конференциската сала на авионот, тие двајцата заедно со новинарите што го следат Трамп, за речиси 3 илјади загинати одржаа едноминутно молчење во 8.46 часот по локално време, што го симболизира моментот кога пред 19 години првиот авион со кој управуваа терористи удри во Светскиот трговски центар во Њујорк.
Како што наведува АП, претседателското летало било на пат кон местото Шенксвил во американската сојузна држава Пенсилванија, каде што Трамп ќе одржи комеморативен говор на местото каде што на 11 септември 2001 година се урна еден од киднапираните патнички авиони кога загинаа сите што беа во него.
Противкандидатот на Трамп на претседателските избори, Џо Бајден, најави доаѓање на местото на нападите во Њујорк, а потоа и во Шенксвил, нагласувајќи дека денеска нема да се занимава со политички активности.