Тензиите помеѓу Србија и Косово се одразија и на секојдневниот живот во Бујановац, каде што Србите и Албанците се длабоко поделени, особено сега, кога одново се спомнуваат идеите за размена на територии по етнички линии, пренесува Би-би-си.
Многумина го сметаат за незамисливо решението според кое Косово би ја добило Прешевската долина од југот на Србија, додека кон Србија би се припоил северниот дел на Косово, населен воглавно со Срби. Но не постои никаква одлука, а не е јасно ниту каде би биле исцртани границите.
Преговорите во Брисел се во застој, по воведувањето на таксите за српските производи, како и формирањето на косовската војска. Згора, сега има дополнителен притисок од Вашингтон, откако американскиот претседател Доналд Трамп упати директен апел до српските и косовските лидери за постигнување мир.
Мислењата за идеите за размена на територии, кои не се нови, се различни помеѓу Албанците и Србите.
– Раковац е старо српско село. Не би сакале да бидеме дел од Косово – истакна Вукашин од истоименото село на југот на Србија, додавајќи дека постои ризик од насилство, ако дојде до менување на границите.
Стојко Јаниќ, пак, е изморен од политичките случувања и жали поради разделеноста помеѓу различните етнички заедници.
– Работев заедно со Албанците 17 години. Имав подобри пријатели меѓу нив, отколку меѓу Србите. Тие уште сакаат да ми бидат пријатели, но се плашат да бидат видени заедно со мене, бидејќи можеби ќе бидат сметани за издајници во нивната заедница – објаснува Јаниќ.
Последиците од воените судири на Косово, во 90-те години на минатиот век, се чувствуват и во Трновац, чие население е воглавно албанско.
– Новата генерација одрасна за време на војна, кога омразата беше промовирана. Тие тешки искуства ги примораа младите луѓе да се одделат едни од други – објаснува Џеваире Шабани, чија ќерка Аридона слабо зборува српски, за кој вели дека не и се допаѓа.
Од друга страна, постојат случаи каде што Албаниците и Србите и натаму се дружат. Младите Хевзи Имери и Данило Дабетиќ заедно тренираат кошарка и се одлични пријатели.
– Данило е како моите албански пријатели, само зборува на друг јазик. Заедно одиме на кафе, се дружиме и заедно славиме родендени – вели Хевзи кој одлично зборува српски.