Со ризик да се зачекори во зоната на метафорите, во 2020 година, Македонија и како држава, и како општество, и како нација беше (е) доведена во парадоксална ситуација на избор да го прифати заборавот на сопственото минато како залог за среќа во иднината…
Динамиката на промени, количеството животно искуство, притисокот за успех по секоја цена…, како сѐ повеќе да ги истиснуваат искреноста, топлината и добрите намери во меѓусебните честитки, сосема неизбежни во новогодишните празнувања. Некои можеби честитките со содржина „Среќна Нова година“ ги сметаат за потрошена формалност, но дури и најтрезвените скептици барем на почетокот на годината, сепак „подлегнуваат“ на изразувањето надеж и желба за среќа. Колку и да е рационално сознанието дека времето е категорија што нема почеток и крај, исто толку е голема и потребата на човештвото за нови почетоци, за нова среќа, особено ако не сме задоволни од актуелната реалност. Веројатно никогаш човештвото не било поедногласно во „незадоволството“, како за изминатава 2020 година, за која веќе има идеи во распон од тоа да биде „прогласена за неспостојна“ до ставот да биде „нулта точка“ за некоја нова ера… Причина за тоа е секако пандемијата означена како ковид-19, која на неочекуван начин го соочи светот со предизвикот на непознатите искушенија од промените во животната средина, што човекот ги предизвика со своето однесување. Од друг аспект, пак, пандемијата го стави човештвото во еден вид општествена, економска (но не и политичко-геостратегиска) „пауза“ во 2020 г., некаков „смрзнат кадар“ на животот, со доволно време за преиспитување на доминантните вредности и интереси на луѓето од 21 век. Тоа преиспитување, можеби повторно е само ново име за стариот нагон на потрага по среќа.
Постојат многу обиди, размислувања, теории, капитални (па и помалку успешни) дела со амбиција да ги дефинираат елементите на среќата, со намера да ги состават во формула што ќе ги земе предвид сите нејзини законитости. Некои од тие мислечки обиди за среќата се духовити, повеќето се сериозни во намерата да го пронајдат патот до неа, и покрај научниот став дека среќата не е егзактна категорија. Не честопати во размислувањата за личната среќа, кај познати и непознати мислители се споменува елементот на заборавот, како во онаа: „За среќа, на човекот му се потребни добро здравје и кратка меморија“.
Навидум таквите „досетки“ за среќата и заборавот можеби и содржат некое „зрно на вистината“, но универзитетскиот професор по историја, Љубомир Цуцуловски, сепак открива поинаква логика во освојувањето на среќата.
– Мислам дека среќата не може да биде во заборавот, бидејќи нашите сеќавања се нашето искуство. Без искуството, пак, не е можен животот, бидејќи тоа не само што е дел од нашето минато, туку тоа ја определува нашата сегашност, како и нашата иднина. Затоа и сметам дека е погрешна поделбата на позитивни и негативни искуства. Нема позитивни и негативни искуства, туку само пријатни и непријатни искуство. Меѓутоа, сеедно какви се искуствата (пријатни или непријатни) тие на нешто нѐ учат. Ако се пријатни, нѐ учат што треба да правиме. Ако се негативни, нѐ учат што треба да одбегнуваме, односно да не правиме. Според тоа, секое искуство на нешто нѐ учи. Тоа значи дека секое искуство е позитивно. Бидејќи искуството е поврзано со сеќавањето, следува дека секое сеќавање (колку и да е болно) е пожелно, бидејќи секое сеќавање на нешто учи и, за разлика од заборавот, може да помогне во градењето на нашата среќа – вели професорот Љубомир Цуцуловски.
Со ризик да се зачекори во зоната на метафорите, во 2020 година, Македонија и како држава, и како општество, и како нација беше (е) доведена во ситуација на избор да го прифати заборавот на сопственото минато како залог за среќа во иднината. Процесот на политичко прев(р)ир(в)ање до конечната одлука сѐ уште е во бурната фаза, но реалноста во Македонија е дека во 2021 година ќе влезе со товарот на изборот да ја прифати „понудата“ на соседна Бугарија за „заедничка историја“ за да биде поблиску до „среќата“, именувана како „почеток на преговори за членство во ЕУ“. Во таа насока, на општествен план е отворена дебата, која повеќе личи на свршен чин, за итна промена на концептот и системот на образование, со кој историјата (сеќавањето) веќе не треба да биде пречка на патот до политичката проекција за среќа, опишана во уште една дефиниција: „Среќни се оние народи што имаат здодевна историја“.
– Ова е доба на поствистината, кога фризирањето и разубавувањето на грдото минато на одредени држави или сојузи од држави, станува политичка агенда. Таква е ЕУ, ревизионизмот на минатото го постави високо во своите приоритети и тоа го покажа во последните спорови што ги имаше Македонија со Грција и со Бугарија. ЕУ молчешкум застана на страната на своите партнери во Унијата. Со тоа прати опасна и лоша порака кон светот дека заборавот е европска вредност, а тоа значи, во најлош случај повторување на лошата страна на историја на минатиот век, онаа од 1914 и онаа од 1939 година. Мижењето пред нерешените национални прашања од сите минати војни или нивно силеџиско затворање на штета на некои народи, кога-тогаш ќе го запали бурето барут – она балканското, и она европското. Очигледно веќе предолго има мир на европската почва. Потсвесно им треба нова војна. Не ја посакуваат, но несвесно работат таа да се случи, со нивната катастрофална политика – предупредува актерот Сашо Тасевски, кој подолго време активно ги следи и коментира современите политички случувања, и во Македонија, и оние глобалните.
Како и секоја година, можеби од навика, а можеби и со вистинска надеж и искреност, со верба, или доза сомнеж, во првите денови од 2021 година често ќе кажуваме: СРЕЌНА НОВА ГОДИНА! Од сета неизвесност на иднината, потрагата по среќа и понатаму ќе биде најизвесниот мотив за сите правилни одуки што ќе ги донесеме и за сите грешки што ќе ги направиме. Од досегашната потрага на човештвото по среќата, познато е само дека е тешко да се живее во сегашноста, но и лудост е да се живее во иднината, исто како што е невозможно да се живее во минатото. И токму незаборавот, сеќавањето, е онаа компонента што ги поврзува сите искуства од минатото и сегашноста како влог во иднината. Сепак, крајот на годината не е ни крај, ни почеток, туку само продолжение, со сета мудрост на искуството во нас.