Со Србија сме посветени на унапредување на регионалната соработка и на забрзување на интеграцијата во ЕУ на нашиот регион. Ја истакнав нашата заложба за одржување континуиран политички дијалог и интерес за одржување на трета заедничка седница меѓу двете Влади, кажа премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со премиерката на Србија Ана Брнабиќ, одржана денеска во Владата.
– Регионалната соработка во овој момент се соочува со предизвици. Треба да го следиме патот премостувајќи ги бариерите кон слободна трговија, послободен проток на граѓани, стоки, услуги, да се насочиме кон иднината, а помалку на она што се случуваше во минатато – истакна Ана Брнабиќ.
Заев порача дека Македонија и Србија треба да ги решаваат сите прашања во регионт преку инклузивен дијалог.
– Нашата заложба е да ги решаваме сите отворени прашања во регионот преку инклузивен дијалог во интерес на сите граѓани, со цел за одржување на трајниот мир, развој на демократијата, економијата и животниот стандард на граѓаните – посочи Заев.
Македонија и Србија денес потпишаа три спогодби – за заедничко признавање на доверливи услуги, за заемно признавање на издадените одобрувања за овластен економски оператор и за соработка во фитосанитарната област и безбедноста на храната и ветеринарство.