Националната безбедност на Израел не зависи директно од тоа кој ја контролира границата помеѓу Турција и северна Сирија, која е оддалечена повеќе од 800 километри од неговата територија. Но, ненадејната наредба на Доналд Трамп за повлекување на американските трупи оттаму и за напуштање на курдските сили, кои беа верни американски сојузници против Исламска држава, го вклучи алармот помеѓу властите во Ерусалим и во Тел Авив, пишува „Њујорк тајмс“.
А сето тоа е поради едноставна причина. Ако вакво предавство ги снајде Курдите, Израелците сега се прашуваат што би можело да го спречи повторувањето на истото сценарио за друг американски сојузник?
– Нож во нашиот грб – гласеше насловот на колумната на Шимон Шифер во најголемиот израелски весник „Едиот Ахронот“, во која тој пишува „заклучокот што го извлекуваме треба да биде јасен: Трамп стана непредвидлив за Израел. Веќе не може да му се верува“.
Трамп инсистираше дека повлекувањето не е предавство. Завчера, тој на Твитер напиша „ние можеби сме во процесот на напуштање на Сирија, но на никаков начин не ги напуштаме Курдите кои се посебни и прекрасни борци“.
Но, многумина во Израел го сметаат американското повлекување, кое би можело да ги изложи Курдите на напад од Турција, за дезертерство.
Израел под водството на Бенјамин Нетанјаху во голема мера зависеше од поддршката на администрацијата на Доналд Трамп во соочувањето со Техеран, во врска со иранските нуклеарни амбиции. Белата куќа се покажа на дело кога Трамп ги повлече САД од нуклеарниот договор со Иран, кој претходниот американски претседател Барак Обама го издејствува, наспроти протестите на Нетанјаху. Белата куќа беше сметана за доверлив партнер додека Америка наметнуваше економски санкции и му се закануваше на Иран, но Израелците сметаат дека веќе не можат да се потпрат на САД, се наведува во анализата на „Њујорк тајмс“.