Пратениците доцна вечерва во Собранието ги избраа новите министри – Хисни Исмаили за култура, Насер Нуредини за животна средина, Горан Милевски за локална самоуправа, Трајан Димковски за земјоделство и Садула Дураки, кој направи трансфер во новоформираното министерство за политички систем.
Пратениците во текот на целиот ден дискутираа и жестоко се расправаа за предложените министри. Пратениците од владејачкото мнозинство го бранеа предлогот на Заев за владината реконструкција, додека опозицијата критикуваше дека предложените функционери не се ссодветни.
Пратеничката Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека премиерот направил грешка како мандатар кога најавил голема метла во владата и институциите, со што ги зголемил очекувањата на граѓаните.
Додека Бетијане Китев од СДСМ рече дека пораката на народот од претседателските избори е примена и оти оваа владина реконструкција е одговор на тоа.
На крајот на расправата за избор на новите министри Заев рече дека биле кажани многу невистини од говорницата, а промените биле најавени и се случуваат.
– Имаше членови на мојата партија кои се оденсуваат како локални шерифи односно немаат слух за граѓаните. Предложивме промени на седуммина луѓе, а ќе следуваат промени и кај заменичките функции и директорите. Убеден сум дека во декември имаме шанси да станеме членка на НАТО. Убеден сум и дека ќе ги отвориме поглајвата 23 и 24 до крајот на годината – рече Заев.
Премиерот додаде дека неговата амбиција да раководи со министерството за финансии не е да потпишува, туку да ги максимизира своите одговорности кои треба да донесат бенефит за сите граѓани.
Заев претходно го повлече предлогот тој да биде министер за финансии, но најави дека ќе раководи со институцијата до изборот на нов министер.