Сите 39 лица кои минатата недела беа пронајдени мртви во камион-ладилник во Есекс, Велика Британија, се Виетнамци, соопшти британската полиција.
– Во овој момент, веруваме дека сите жртви се со виетнамска националност и ние сме во контакт со виетнамската Влада – рече полицискиот службеник, Тим Смит.
Телата беа пронајдени минатата недела и првично се мислеше дека станува збор за кинески државјани. Но, како што рекол Смит, сега полицијата е во контакт со некои семејства во Виетнам, како и во Велика Британија, пренесува Би-би-си.
Виетнамската амбасада во Лондон соопшти дека длабоко жали и им упати сочувство на семејствата на жртвите.
Од таму наведуваат дека жртвите сè уште треба да бидат идентификувани и потврдени од надлежните органи на Виетнам и Велика Британија.
Виетнамската полиција вчера уапси две лица под сомнеж дека се вмешани во смртта на 39 луѓе.
– Кога 10 виетнамски семејства пријавија дека нивни роднини исчезнале стравувајќи дека се меѓу 39-те жртви, регионалната полиција поведе кривична истрага под сомнеж за трговија со луѓе – се наведува на официјалната веб-страница на полицијата.