Пакистан го врати индискиот пилот кој стана симбол на најголемата воена криза помеѓу двете држави во изминатите неколку децении, како гест чија цел е деескалација на конфликтот, пренесува британски „Гардијан“.
Абинандан Вартаман кој беше соборен за време на првата јавно признаена воздушна борба помеѓу двете страни во последните 48 години, која се случи завчера, бил вратен во Индија на граничниот премин во областа Пунџаб.
Пакистанскиот премиер Имран Кан претходно ја најави одлуката пред парламентот, нарекувајќи ја „мировен гест“.
Враќањето на пилотот беше повод за прослава во Индија, а голема топла на луѓе се собра да го пречека на граничниот премин, во настан што го пренесуваа индиските телевизиски станици.
– Добро е што се вратив во мојата држава – биле првите зборови на пилотот кој бил упатен на лекарски прегледи откако помина 60 часа во заробеништво.
Ослободувањето на пилотот беше одложено на неколку часа без објаснување, што поттикна разни шпекулации. Вартаман, сепак, стигнал на граничниот премин, каде што бил пречекан од два индиски офицери кои го спровеле на индиска територија.
Во Индија постоеше загриженост за судбината на пилотот откако беа објавени снимки на кои се забележува како е тепан од толпа во близина на местото каде што се срушил авионот.
Повод за актуелната криза претставуваше самоубиствен бомбашки напад од страна на пакистантска милитантна група во регионот Кашмир на 14 февруари, во кои беа убиени 40 припадници на индиски парамилитарни сили. Индиските авиони потоа навлегоа на територијата на Пакистан за да извршат напад на тренинг-центар за милитанти, според индиските власти. Пакистанските авиони потоа возвратија со напад врз индиска територија. Двете страни тврдеа дека собориле непријателски авиони, а потоа беше затворен воздушниот простор помеѓу двете држави.
Индија и Пакистан досега водеа три војни по добивањето на независноста од Велика Британија и поделбата во 1947 година. Два од трите воени конфликта беа поради Кашмир. И Пакистан и Индија тврдат дека територијата Кашмир во која предоминантно е муслиманското население им припаѓа ним, но и двете држави контролираат само дел од овој регион.