Даниел Сервер е поранешен американски претставник во Босна и Херцеговина во улога на медијатор помеѓу Хрватите и Босанците во преговорите за Дејтонскиот мировен договор. Сервер ја предводи програмата за менаџирање конфликти на Универзитетот „Џон Хопкинс“ во Вашингтон. Во последниве години тој е нагласено критичен кон ЕУ и бара забрзување на процесот на евроинтеграција на земјите како Македонија, БиХ и Косово. Како искусен познавач на ситуацијата на Балканот тој за МИА анализира за законот за јазиците, спорот со името и конфликтот со Русија
Законот за употреба на албанскиот јазик се уште не е донесен. Зошто и 17 години после Охридскиот договор ова прашање ја кочи хармонизацијата на меѓуетничките односи во Македонија?
– Употребата на јазици може да биде сложено прашање и во многу земји тоа се решава на различни начини. Во Њујорк, на пример, тестовите за возачка дозвола се изведуваат на стотина разни јазици. Тоа е едно решение. Охридскиот договор донесе друго решение – признавање на албанскиот јазик во Македонија на државно ниво. Искрено, не знам зошто некому тоа му пречи. Се разбира дека не би била практична употребата на јазикот во деловите на земјата каде не живеат Албанци, но тоа би било пракично во местата каде тие се населени. За една земја нема ништо поважно од тоа да му дозволи на народот да се чувствува слободен, дека тој припаѓа на таа земја. Некои укажуваат дека двојазичноста ја прави Македонија кршлива, напротив, во употребата на албанскиот јазик гледам лепило со кое земјата ќе остане цела.
Во последниве месеци се интензивира процесот за решавање на спорот за името помеѓу Грција и Македонија. Сведоци сме на оживување на преговорите, после десетгодишното мртвило. Што би им препорачале на раководствата на Грција и Македонија во врска со ова прашање во пресрет на средбата во Виена на која учествува и медиајторот од ОН, Метју Нимиц.
– Време е спорот за името да се реши. Тоа би било добро и за Грција и за Македонија, но и за регионот. Сепак, изгледа дека вистинскиот момент не е дојден. Се прават напори, лично го познавам министерот за надворешни работи Никола Димитров и знам дека тој е целосно посветен да се изнајде решение. Се надевам дека и неговиот колега, Никос Коѕијас, го мисли истото. Би бил радосен ако се дојде до заеднички прифатливо решение. Но, ако нема решение, мислам дека Македонија треба да влезе во НАТО под привремената одредница (БЈРМ). Јас лично сум пред американските власти многупати досега настојував тоа да се стори. Многу политичари во Вашингтон треба да сфатат дека неуспехот да се најде решение за влезот на Македонија во НАТО е причина за меѓуетничките тензии.
Дали и Грција теба да сноси последици доколку спорот со името не се реши?
– За Грција нема да има директни последици, но пресудата на Меѓународниот суд на првадата во Хаг е апсолутно јасна и ја обврзува таа земја. За секоја земја која не спроведува пресуда на Меѓунардениот суд на правдата тоа станува дамка за нејзиниот углед. Можеби САД не спроведуваат некои одлуки на судот, но мислам дека САД можат да си дозволат а Грција не може, и тоа ќе го оцрни нејзиниот углед како сериозна држава. На пример, последици може да има во тешкотии со позајмување кредити, бојкот на американски туристи, но и незадоволство на малцинствата во самата Грција. Атина можеби не сака да признае, но во земјата живее значајно албанско малцинство, но има и македонско малцинство во Грција.
Знаете, Грција тврди дека има екслузивно права на името Македонија. Тоа е бесмислица. Во САД постојат над 200 места што се именувани со терминот Македонија. Оваа позиција не е последица на разум, туку на некаква зависност. Тоа дека денешните Грци се директни потомци на античките Грци. Тие цврсто веруваат во тоа. Но вистината е дека тие не се толку сигурни во ова тврдење и затоа покажуваат анимозитет и непријателство. Ако владеачката гарнитура предводена од Сириза не може да се договори со опозиционерите од Неа демократија и партијата Независни Грци, Македонија треба и мора да влезе во НАТО. Во ситуација кога Русија шири конфронтација и покажува агресија во Европа и на Западен Балкан, тоа е повеќе од потребно. Македонски војници се докажаа во борбени услови во Авганистан рамо до рамо со американски, сега интензивно се прават реформи со новата демократска влада, времето за членсто во НАТО е дојдедно.
Што очекувате од сегашната администрација во Вашингтон? Дали има подготвеност за поголема ангажираност во однос на решавање на спорот со името, барем до НАТО самитот во јули во Брисел?
– Како во Стејт департментот, така и во Белата куќа, има останато искусни политичари уште од времето на Џорџ Буш кои се согласуваат дека Македонија треба да стане дел од НАТО. Некои повисоко рангирани бирократи се сеќаваат дека Буш се обиде да го стори тоа, но без успех. Прашањето е како сегашниот претседател на САД, Доналд Трамп, кој е соочен со купишта проблеми, може да биде натеран да направи нешто во кое не успеал неговиот републикански претходник. Тука е проблемот. Исто така, голема непознаница е какви ставови во однос на ова прашање има новоименуваниот државен секретар, Мајк Помпео, кој настапува доста остро против руската агресија во Европа.
Конфликтот помеѓу Русија и Западот ескалира. Нападот со нервен агенс во Велика Британија ја прелеа чашата и затоа завчера беа протерани стотина руски дипломати од над 20 земји како солидарност со нивниот НАТО сојузник. Македонија се смета за дел од западниот свет и го стори истото – протера еден руски дипломат. Пред само една недела, руското Министерство за надворешни работи го повика македонскиот амбасадор во Москва на разговор и соопшти дека плановите за влез на Македонија во НАТО може да имаат негативни последици за земјата. Дали треба да се сфатат сероизно заканите на Русија?
– Вашингтон високо го оцени гестот на Македонија да се приклучи во она што јас го нарекувам заеднички американско-европски напор да се испрати силен сигнал до Москва дека треба да запре со својата незаконска агресија врз други суверени земји. Кога велам незаконска агресија, тука ги вклучувам и анексијата на Крим, инвазијата во источна Украина, вмешувањето во изборите во САД, разгорување на меѓуетнички конфликти во Босна, неуспешниот пуч во Црна Гора, но и однесувањето на Москва во Македонија.
Руската закана до Македонја е прилично празна и бесмислена. Сериози обиди за дестабилизација имаше во последната година од владеењето на Никола Груевски, со протестите и руската иконографија. Исто така, некои млади Македонци свесно или несвесно работеа во полза на руската агресија во американските избори во 2016. Значајно е тоа дека новата македонска влада ја смета таа агресија за сериазна. Имам информации дека високи официјални лица прават се што можат да се блокира ова руско посегање по суверенитетот. Што мајка бара Русија во одлуката дали Македонија треба да влезе во НАТО или не. Тоа решение треба да го донесе народот во Македонија преку своите избрани претставници во власта и Русија нема никаква работа со тоа. Македонија во никој случај не е закана за Русија. Искрено кажано, тоа е целосна бесмислица. Русите треба да замолчат и да си заминат.