Форин полиси
Поминаа речиси три децении од крајот на Студената војна, а нуклеарниот конфликт останува една од најголемите и најдиректни закани по светската безбедност. САД, Русија, Кина, Франција, Обединетото Кралство, Индија, Израел, Пакистан и Северна Кореја се држави кои официјално располагаат со нуклеарно оружје, а Иран, Либија и Сирија повеќепати своеволно извршија нуклеарни активности. Деветте нуклеарни држави располагаат со околу 15.000 нуклеарни боеви глави. Дури и една нуклеарна боева глава фрлена врз голем град би однела стотици илјади жртви само за неколку секунди. Оваа недела, „Асошиејтед прес“ пренесува за заладувањето во односите помеѓу САД и Русија, што ги зголеми ризиците за можна појава на оружен конфликт.
Покрај огромната важност на цврстата и стабилна нуклеарна политика за американската и светската безбедност, постојано се игнорираше еден јасен начин за подобрување на состојбата, а тоа е вклучувањето на повеќе жени во оваа сфера. Истражувањата покажуваат дека поради отсуството на потполна вклученост на жените при решавање на нуклеарните прашања, поголеми се шансите за ризични потези, големи се изгледите да пропаднат склучените договори, а иновативните идеи остануваат во фиока.
Истражувањето на националната академија на науките на Велика Британија, (Кралското друштво), покажа дека постои поголема веројатност, мажите, при симулација на воени сценарија, да покажат претерана самоувереност, во однос на жените, што укажува на предноста од поставувањето на жените на високи политички позиции. Истото истражување покажа дека претераната самоувереност во високо ризични конфликти поверојатно ќе доведе до одлука за напад на непријателот.
Истражувањата на миротворците, исто така, покажуваат дека билатералните нуклеарни договори како и светските обврски, како што е Договорот за нуклеарно неширење, би биле посилни, доколку во нив се вклучени и жени. Кога граѓанските групи, вклучувајќи ги и женските организации, би учествувале во мировните преговори, би имало 64 отсто помалку шанси за неуспех на договорите.
Сепак, жените претставуваат само една четвртина од делегатите вклучени во меѓународните преговори за неширење на нуклеарното оружје. На конференцијата од 2015 година на која се разгледуваше Договорот за нуклеарно неширење, 33 земји испратија делегации во кои жените беа изоставени, меѓу кои беа Иран, Ирак, Египет, Либија и Сирија, кои поседуваат нуклеарни оружја, или спроведувале нуклеарни активности.
Всушност, жените играа улога во нуклеарната безбедност и донесувањето на политичките одлуки уште во 50-тите години, кога сочинуваа 20 отсто од експертскиот кадар во ЦИА, според експертската група „Нова Америка“. Некои жени се познати по нивните заслуги, како што е поранешната државна потсекретарка за политички прашања Венди Шерман, на која поранешниот американски претседател Барак Обама ѝ врачи медал за национална безбедност за нејзиниот водечки труд за постигнување на договорот со кој се ограничија нуклеарните активности на Иран.
Но, жените и натаму заземаат мал број на лидерски позиции во американските политички одлуки во нуклеарната сфера, како што покажуваат податоците на експертската група „Нова Америка“. Меѓу 1970 и 2019 година, само 11 од 68 лица кои биле на лидерски позиции во Стејт департментот биле жени, а само пет од 36 во Министерството за енергетика и пет од 63 во Министерството за одбрана. Две од 21 советници за национална безбедност биле жени во тој период.
Истражувањето на Валери Хадсон и на други експерти од универзитетот „Еј-енд-ем“ во Тексас покажа дека статусот на жените, вклучувајќи го нивното учество во носењето одлуки, е најдобар показател за мирот во државата. Неспорно е дека жените во нуклеарната политика се соочуваат со многу пречки, како што се недоволното вреднување на трудот.
– Не недостигаат жени во нуклеарната политика – вели Ненси Париш, извршната директорка на Женската иницијатива за нови насоки, организација на анти-нуклеарни активисти, што ја користи политичката моќ на жените за да се залага за мир.
Париш ги предводи напорите на организацијата во американската кампања за „Непосегнување први по нуклеарно оружје“, со тоа што поднела предлози за измена на законите во 14 сојузни држави, според кои САД нема да бидат првите што ќе употребат нуклеарно оружје во кој било меѓународен конфликт. Таа се залага и за други начини за спречување на Законот за авторизација за употреба на воена сила, по терористичките напади од 11 септември. Со овој закон му се дава моќ на американскиот претседател да употреби воена сила и дури и да распореди нуклеарни оружја во контекст на овие терористички напади и други поврзани конфликти без одобрение на Конгресот.
Жените играа истакната улога во мировните движења во светот вклучувајќи ги протестите против употребата на нуклеарните оружја. На пример, Дагмар Вилсон мобилизираше половина милион Американки против нуклеарните тестирања во 1961 година, откако беа пронајдени радиоактивни изотопи во млекото. Жените имаат добри причини за да се мобилизираат затоа што нивните матки и дојки се поизложени на радијацијата која имаше влијание врз преживеаните од нуклеарните напади, според извештајот на Обединетите нации. Заканите по меѓународната безбедност честопати се користат како политички средства за да се потиснат човековите права, вклучувајќи ги и правата на жените.
Подготвила: Билјана Здравковска