Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) денеска објави видео од операција за апсење на жители на една централноазиска република во Санкт Петербург.
Тие биле уапсени под сомнение дека се членови на терористичка ќелија, кои се подготвуваат за убиства на војници и полицајци.
На видеото е прикажано апсењето на осомничените во станбени простории, а седум приведени лица лежат на подот со лисици на рацете, јави агенцијата „Тасс“.
Прес-службата на ФСБ објави дека припадниците за безбедност, во координација со Министерството за внатрешни работи на Русија, спречиле активност на учесници во терористичка ќелија и соучесници во финансирање на меѓународната терористичка организација Исламска држава, која е забранета во Русија.
Против нив поднесени се обвиненија за соучесништво во пропаганда на тероризам и регрутирање на руски граѓани во терористички структури, објави прес-службата на ФСБ.
– Врз основа на достапните оперативни информации, споменатите лица планирале убиства на војници и персонал од агенциите за спроведување на законот на Руската Федерација, по што имале намера да се преселат во регионот на Блискиот исток, за учество во меѓународната терористичка организација – посочува ФСБ.