Револуционерна нова класа лекови против рак што може да лекува широк спектар тумори за првпат е одобрена за употреба во Европа, пренесува Би-би-си.
Новиот лек спаѓа во групата тумор-агностичките лекови, вид терапија што користи лекови или други супстанции за лекување врз основа на генетските и молекуларните карактеристики на ракот, без оглед на типот на карцином или каде во организмот се појавил.
Лекарите од Велика Британија што го тестираат новиот лек велат дека пристапот има потенцијал да излечи повеќе пациенти и да ги намали несаканите ефекти. Лекот што е одобрен се нарекува „ларотректиниб“.
Двегодишната Шарлот Стивенсон од Белфаст, кај која бил дијагностициран инфантилен фибросарком – рак на сврзното ткиво во телото- е една од првите пациенти кои ги почувствувале бенефитите од лекот. Таа била третирана со „ларотректиниб“ изминатата година како дел од клиничките испитувања во болницата „Ројал Марзден Сатон“ во Лондон.
– Знаевме дека опциите ни се ограничени и затоа решивме да се обидеме и мило ми е што направивме така. Добивме можност да гледаме како Шарлот расте и заздравува со голема брзина. Таа сега може да има релативно нормален живот и најважно од сè, лекот имаше неверојатен ефект на туморот кај неа – вели нејзината мајка Естер.
Туморот кај Шарлот бил предизвикан од генетска абнормалност позната како НТРК фузија на гени која не е својствена само за саркомите, туку се појавува и кај некои видови рак на мозокот, бубрезите, тироидната жлезда и други видови рак.
– Возбудливо е што лекот дејствува кај различни видови рак и не е ограничен на еден тип – вели д-р Џулија Чисхолм од „Ројал Марзден Сатон“.
Новиот лек означува чекор напред од лекувањето карцином на дојка или рак на дебелото црево кон прецизен лек што ги користи предностите на специфичниот генетскиот состав на туморот кај секој пациент.
– Убавината на лекот е што е насочен кон абнормалноста. Постојат голем број биохемиски патеки кои се вообичаени кај многу различни типови тумори. Мислам дека ова е начинот на којшто се одвиваат работите и водат кон подобри исходи, лекување повеќе пациенти и кон производство на почувствителни третмани со намалени несакани ефекти – вели таа.
Одлуката на европските регулатори не значи дека лекот ќе биде веднаш достапна за пациентите во Велика Британија. Претходно годинава НХС Англија ги опиша тумор-агностичките лекови како револуционерен и возбудлив напредок во лекувањето на ракот и рече дека се во тек подготовки да се обезбеди пристап на пациентите до нив.
– Придобивките за пациентите, особено за децата, како можноста да се лекуваат различни видови рак со еден лек се потенцијално огромни, помагајќи им да водат подолг и поздрав живот – рече тогаш извршниот директор Сајмон Стивенс.
Проф. Чарлс Свонтон, главен лекар во Cancer Research UK, вели дека лековите се возбудлива можност.
– НХС ќе треба да обезбеди правилно тестирање на геном во целата земја за да ги идентификува пациентите кои би можеле да имаат корист од оваа терапија, па затоа е добро што НХС веќе размислува за тоа како да го донесе ова кај пациенти со карцином што е можно поскоро – додаде тој.
Д-р Брендон Греј од „Баер“, фармацевтската компанија што го разви „ларотректиниб“, рече: „Како прв тумор-агностички лек одобрен во Европа, ларотректиниб претставува вистинска промена во лекувањето на карцином“.