Собраниската Комисија за европски прашања ја прекина дебатата за предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во 2020 година.
Претседателот на Комисијата Артан Груби ја прекина работата по оваа точка заради потреба од дополнителни усогласувања помеѓу политичките партии, по изгласувањето на дневниот ред на седницата.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, побара повлекување на предлог-законот за попис, оценувајќи го како штетен и неевропски, кој не ги исполнува критериумите на ОН за спроведување попис на население. Неговото барање не беше ставено на гласање.
Груби најави дека седницата за попис ќе биде дополнително закажана. Станува збор за второ одложување на расправата за предлог-законот за попис на матичната Комисија. Првата седница требаше да се одржи на 10 јуни, но беше откажана.
Комисијата продолжи со работа по 46-та седница, на која на дневен ред е предлог-законот за јавни набавки во областа на одбраната и безбедноста во второ читање.