Професорот на ФЛУ, Жарко Башески во разговорот за „Нова Македонија“ се осврна на големите предизвици со кои се соочува факултетот, меѓу кои е работата во услови на пандемија, при што им оддава вистинско признание на студентите на ФЛУ, кои ги смета за најупорни и кои навистина сакаат да се занимаваат со уметност. Во тој контекст, професорот Башевски изразува длабока благодарност на високосвесните општествено одговорни компании, првенствено на АД „Макстил“, како и на компанијата „Еуролигнит“, кои за студентите и за образовниот процес несебично донираа материјали и алати, за на факултетот студентите и професорите непречено да ги изразуваат своите креативни идеи преку форми на уметноста
Општествено одговорното работење на компаниите како повод
Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) настојува да се усовршува, да воведува новитети и да ги следи светските трендови, како и во досегашниот тек од четиридецениската дејност, за да им овозможи на студентите самостојно да опстојат на уметничката сцена по завршувањето на образованието, притоа успевајќи да се приспособи и на новонастанатите услови во пандемијата. За работата и за плановите на оваа високообразовна институција, како и за предизвиците со кои таа се соочува, разговаравме со скулпторот, вајар и професор на ФЛУ, Жарко Башески.
– Последиците од пандемијата силно се почувствуваа на нашиот факултет. Функционирањето и наставата претрпеа промена уште пролетоска, кога се појави вирусот. На почетокот се обидовме со онлајн работење, преку креирањето скици, па преку постојан контакт и разговор со студентите, но видовме дека тоа не може да функционира, бидејќи 90 отсто од нашата настава е практична, што значи дека моравме да се придржуваме на здравствените протоколи, да го адаптираме нашето творење со задолжителното носење маски, со одржувањето дистанца при работата, како и со изведувањето периодична работа со студентите – објаснува Башески.
ФЛУ ги има најупорните студенти и оние што навистина сакаат да се занимаваат со уметност, земајќи ги предвид условите за дипломираните уметници во Македонија.
– На нашиот факултет ги имаме најупорните студенти, оние што навистина сакаат да се занимаваат со уметност. Родителите, секако, сакаат нивните деца успешно да завршат со студии, но кога ќе се земат во обѕир условите што ги нуди државата за еден дипломиран уметник, тогаш работата се менува. Токму затоа и бројот на студенти е намален, но тоа не е толку страшно. Во минатото беа примани повеќе студенти во споредба со можностите на факултетот, а затоа имавме и поголем притисок и работата не беше изводлива. Сметам дека бројката од пет-шест студенти по класа е сосема доволна – посочува Башески.
Поаѓајќи од големиот обем на практична работа при студирањето, сериозен проблем претставува снабдувањето со материјали и алати. ФЛУ се потпира и им е бескрајно благодарен на фирмите што излегуваат во пресрет со донации, благодарение на кои студентите продолжуваат со нивното усовршување и работа. Тоа е извонреден пример на ктиторство за поддршка и мотивација на уметноста, креативноста, идентитетот на уметноста на овие простори и препознатливоста на нашето постоење и уникатност во светската уметност, скулптура, сликарство… Башески го истакнува примерот на компанијата „Макстил“, која во декември минатата година донира два апарата за обработка и материјал за изработка на скулптури, а и железо како материјал за скулптури за ФЛУ. Донацијата опфаќа аголна брусилка, апарат за заварување – инвертер и еден тон старо железо, кои беа наменети за потребите на сегашните и идните студенти на студиската насока вајарство, при изработката на скулптурите и изучувањето на скулпторските техники. И компанијата, односно рудникот „Еуролигнит“ со донација на глина излегува во пресрет на потребите на ФЛУ.
– За нас, донациите се многу значајни, бидејќи немаме можност сами да ги финансираме материјалите од сопствени средства. Донираното железо од „Макстил“ брзо беше искористено за изработка на скулптури, а ние се надеваме дека соработката ќе продолжи и во иднина, не само со „Макстил“ туку и со други фирми, кои ќе ни излезат во пресрет и ќе помогнат студентите да добијат поттик и мотивација за да продолжат да креираат и да се усовршуваат – наведува Башески.
Студентите во четврта година најмногу работат со железо, па тој материјал им е најкорисен. Тие го нагласуваат значењето од секоја донација за нивната работа, бидејќи не се во можност сами да купат материјал.
– Не сме во можност сами да ги купиме материјалите, бидејќи се знае дека студентскиот буџет е мал. Планирам мојот дипломски труд да го изработам од метал, односно осум акта високи околу 180 сантиметри. Темата е од етнологијата на Македонија, комбинирана со рециклирање. Станува збор за „Тешкото“ од Блаже Конески, бидејќи македонското срце чука во седумосмински такт, а мотивација ми беше бројот осум како симбол. Бидејќи учев вајарство четири години во средно училиште и уште четири години студирам, секоја година и секој акт ќе раскажува посебна приказна. Сметам дека идејата е убава, а професорите и менторот исто така ја прифатија. Би сакал да не избрзам со изработката, бидејќи не сакам скулптурата да биде сиромашна. Затоа, ќе биде потребно уште многу железо. Секој дониран материјал, за нас студентите ќе биде од големо значење – вели Озбек Ајваз, студент на ФЛУ.
Цел на ФЛУ претставува обучувањето на студентите за да можат самостојно да опстојат на домашната или на меѓународната ликовна сцена по завршувањето на студиите. Во таа насока се предвидени и промени во студентските програми и внесување новитети, за ФЛУ да биде во чекор со светските трендови.
– Во план ни е да извршиме неколку промени во студентските програми, а имаме намера во наставата да внесеме програми што досега не сме ги имале. Затоа, неминовно мора да обезбедиме материјали за работа, но и современи машини и алати за овие нови програми. ФЛУ мора да се усовршува и да биде во чекор со светските трендови, а не да заостанува зад нив. Тоа е нашиот предизвик, но и наша цел. Затоа се обидуваме да се движиме кон таа насока – заклучува Башески.
Опседнатоста на народот и окупирањето на неговото секојдневие со политика, според Башески, ја задушуваат видливоста на образованието, културата и на уметноста, кои треба да се вратат на своето вистинско место или, доколку тоа е можно, да се издигнат и на повисоко ниво. Само така уметниците нема да заостануваат зад темпото со кое се случуваат моментните светски промени и ќе бидат во чекор со светската уметничка сцена.