Преспанскиот договор, новото име и одзивот на гласачите се главни теми во известувањето на грчките медиуми за првиот круг од претседателските избори во Македонија.
„Претседателска трка со спротиставени ставови за новото име на Северна Македонија“, „Претседателските избори во Скопје во сенка на Преспанскиот договор“ и „Избори во Северна Македонија: Апстиненцијата на 60 отсто“, се дел од насловите во грчките медиуми, кои посветија големо внимание на изборниот процес во Македонија.
– Претседателските избори во Северна Македонија, кои на гласачите им дадоа уште една можност да изразат мислење за новото име на нивната држава, ќе продолжат со втор круг, откако излезеноста во првиот круг не беше доволна за еден од кандидатите да оствари победа – пишува „Катимерини“.
Грчкиот весник „То вима“ се осврна на одзивот на гласачите.
– Апстиненцијата беше во главна улога на вчерашните избори. Голем дел од гласачите од сите партии им го свртеа грбот на претседателските кандидати, испраќајќи сопствена порака. Беше забележана рекордно ниска излезеност, што ги загрижува двајцата кандидати. Никој во соседната држава не би можел со сигурност да каже дека на 5 мај ќе биде новиот претседател – објавува „То вима“.
„Та неа“, пак, смета дека македонските гласачи се разочарани од политиката.
– Климата е песимистичка, бидејќи многу луѓе можеби нема да гласаат поради разочараност или апатија кон политиките, и на владата, и на опозицијата – се наведува во анализата на „Та неа“.
Заеднички заклучок на грчките медиуми е дека во вториот круг се очекува неизвесна трка, со што не може да се предвиди кој ќе стане нов претседател на Македонија.