Повеќемина ги загубија животите, улиците останаа прекриени со тепих од пепел, зградите поцрнети, а растопените автомобили беа претворени во крш од железо, во пожарите кои го уништија приморското место Мати, во Грција. По големата трагедија во која 74 луѓе ги загубија животите (според последните информации), останаа сведоштвата на преживеаните, кои ги пренесува британски „Гардијан“.
– Страшно е да гледате како некој се дави до вас, а не можете да му помогнете – вели Никос Ставринидис кој нашол спас на рибарски брод, откако поминал два часа во морето.
На пожарите им претходел силен ветер, што не може да се опише, според тамошните жители.
– Сѐ се случи толку брзо. Огнот беше далеку, а потоа стигна до нас и беше насекаде околу нас. Ветерот не може да се опише. Беше неверојатен – објаснува сведок на настаните.
Меѓу жителите на Мати владее неверување за сѐ што се случи. Спасувачките екипи одеа од врата до врата, наоѓајќи ги останките на настраданите. Многумина побарале спас во морето, но попусто.
– Никој всушност не разбира што се случи. Сите се во состојба на шок. Мртви луѓе, мртвите луѓе се насекаде – кажа Арис Буранис, претседателот на тамошната заедница.
Останките на 26 луѓе беа пронајдени на отворен паркинг во Посејдонос, а повеќето од нив загинале држејќи се во прегратки меѓусебе. Тие отишле таму поради близината на плажата, но не можеле да најдат излез во густиот чад што бил околу нив.
– Ова е апсолутна катастрофа. Сѐ што гледаме е трагедија, тага, катастрофа и загуба – истакна Теси Папа, волонтерка која носи вода, храна и лекарства во местото погодено од пожарот.
Поголемиот дел од имотот на поранешниот бродски капетан Клеантис Рорис (81) беше уништен од огнената стихија.
– Кога пламенот почна да доаѓа низ улицата, скокнав во својот автомобил толку бргу, што останав без чевли. Потоа го поминав поголемиот дел од денот размислувајќи за природните елементи. Половина од животот поминав на море, другата половина на земја и сега кругот е затворен. Искусив сѐ, и среќен сум што сум жив – порачува Рорис.