Претседателот на САД, Доналд Трамп низ шега во Осака го предупреди рускиот колега, Владимир Путин да не се меша во изборите во САД. Ова се случи на состанокот на самитот Г20, по новинарско прашање до Трамп – дали ќе го предупреди Путин по повод изборите кои се најавени за следната година во САД.
Претходно, Путин ги отфрли обвинувањата за руско мешање во претседателските избори во САД. Коментирајќи ги наводите на американскиот специјален советник Роберт Милер, од истрагата во врска со ова прашање, руската страна пред неколку месеци укажа дека обвинувањата што продолжуваат да се прават против Русија се неосновани. Трамп во неколку наврати ги негираше обвинувањата за каков било заговор со Русија за да ги намали шансите на номинираниот демократски противкандидат, Хилари Клинтон, за победа во Белата куќа во 2016 година.
Трамп на почетокот на состанокот рече дека планира да разговара за прашањата за трговијата и разоружувањето со Путин. Од друга страна, рускиот претседател изрази верување оти состанокот со Трамп е добра можност да продолжи дијалогот откако давјцата последен пат се состанаа на самитот во Хелсинки минатата година.
Нема потреба од брзање со Иран
Претседателот на САД оцени дека нема потреба од брзање во решавањето на тензиите помеѓу САД и Иран, кои предизвикуваат страв од немири во Персискиот залив.
– Немаме потреба од брзање, а тие може да си земат време колку што им е потребно. Не е итно – изјави Трамп по низата инциденти и навреди помеѓу Вашингтон и Техеран, пренесе „Спутник“.
Тој изрази надеж дека состојбата ќе се подобри.
Трамп во средата говореше за можноста за краткотрајна војна со Иран, на што шефот на иранската дипломатија, Мохамед Завад Зариф одговори дека таквата идеја е илузорна, а Трамп му се заканува на мирот.