Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски очекува утре да има првични сознанија околу истрагата за вчерашната автобуска несреќа на автопатот Скопје-Тетово, кај село Ласкарци, во која загинаа 14 лица, а 37 лица беа повредени. Вечерва, како што најави во интервју за 1 ТВ, ќе се изврши разговор со возачот на автобусот во полициска станица.
– Истрагата трае, увидот на настанот е завршен, утре ќе можеме да очекуваме првични сознанија околу аспектите кои ги гледа истрагата. Вечерва ќе имаме разговор во полициска станица со возачот на автобусот и врз основа на сите тие наоди ќе добиеме која била причината за оваа голема трагедија – рече Спасовски.
Тој упати благодарност до институциите на државно и на локално ниво, кои како што рече реагирале бргу и ефикасно, на лекарите и медицинскиот кадар од јавното и приватното здравство, а ја потенцираше и солидарноста на граѓаните.
Покренати пет постапки за говор на омраза
Министерството за внатрешни работи веќе покренало пет постапки поради говорот на омраза на социјалните мрежи, кој според министерот Спасовски создава чувство на човечки пораз.
– Тоа е чувство на човечки пораз, лично, чувствувам дека како луѓе неможеме да се издигнеме пред се, дека сакаме да се почитуваме меѓу себе, туку напротив, можеби политичките, верските и националните поделби ги ставаме пред човечкиот живот што е нешто најсвето. Таков говор на омраза апсолутно ме прави понижен и поразен кога доаѓа дури од универзитетски професор – рече Спасовски.
Министерот за внатрешни работи информира дека се работи на откривање и на други профили на социјалните мрежи преку кои се ширел говор на омраза.
– Веќе се поднесени соодветни пријави во надлежните јавни обивнителства во Скопје, Струмица и во Куманово и секако дека ако се случуваат и во наредните денови ќе имаме реакција – рече Спасовски.