Претседателот на Собранието Талат Џафери и координаторите на пратеничките групи денеска треба да се договорат кога Законодавноправната комисија ќе го разгледа барањето на СДСМ за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување, на редовната понеделничка средба.
Според подносителите, целта на автентичното толкување е да се спречат обидите за активирање на незаконските помилувања дадени од поранешниот преседател Ѓорге Иванов, поврзани со можната одлука на Уставниот суд за укинување на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година.
Уставниот суд во средата одлучи да поведе постапка за оценување на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016-та година. Членот 11-а му овозможува претседателот да повлече веќе донесена одлука за помилување, што би можело директно да влијае врз актуелните обвиненија и истраги, односно врз предметите што ги почна СЈО врз основа на прислушуваните разговори.