Речиси умрев двапати вели Парк Санг-хак, кој е познат како „непријател нула“ во Северна Кореја, која се обидува да го елиминира откако тој пребегна во Јужна Кореја каде што му се посвети на активизмот против режимот на Ким Јонг-ун, пишува „Форин полиси“.
Парк во 2011 требаше да се сретне со уште еден пребегнат Севернокореец, но беше предупреден од страна на разузнавачките служби на Јужна Кореја. Тие го уапсија човекот со кој требаше да се сретне Парк, пронаоѓајќи кај него пенкало со сокриена отровна игра и уште едно со проектил со отровен прав, како и светилка која може да истрела три куршуми. Следната година уште еден севернокорејски шпион беше уапсен поради планирањето на атентат врз Парк, кој повремено добива потсетување дека е цел на Северот.
Постои причина поради која Северна Кореја сака да го убие Парк. Тој ја предводи организацијата „Борци за слободна Северна Кореја“, која продолжува да испраќа илјадници памфлети преку границата со помош на балони. Мината година организацијата на Парк испрати балони на Северот во 11 наврати, а годинава петпати.
Тој носеше неколку балони во паркот во кој разговараше со новинарите на „Форин полиси“. Балоните што содржат преграда во која можат да се сместат банкноти од по еден долар, претставуваат и повод за последниот дипломатски спор на Корејскиот Полуостров. Тоа се должи на пораката која се наоѓа на нив.
– Тоа е вистината за семејството Ким, а Ким Јонг-ун многу се плаши од вистината. Во Северна Кореја луѓето мислат дека Ким Јонг-ун е бог. Тие го сметаат за божество. Кога би ја знаеле вистината за него, тие не би го гледале на тој начин. Затоа тоа е најголемиот страв на Ким, дека луѓето нема да мислат оти тој е бог. Колку и да се обидува семејството Ким да ме сопре, јас ќе ја испраќам пораката на вистината до народот – вели Парк.
Парк избега од севернокорејскиот режим во 1999 година бидејќи неговиот татко ја откри вистината за размерот на гладта која ја погоди Северна Кореја во 90-те години на минатиот век. Во страв од „чистка“ на режимот, Парк избега со неговото семејство во Кина пред да заврши во Јужна Кореја. Во 2003 година тој дозна дека неговата свршеница била брутално претепана, а двајца негови роднини во Северна Кореја биле измачувани до смрт. Токму затоа тој почна да се занимава со активизам и ја основаше организацијата „Борци за слободна Северна Кореја“.
Сестрата на Ким Јонг-ун, Ким Јо-јонг, претходно месецов, побара жестока казна за пребегнатите Севернокорејци.
– Се вели дека дрвото на мирот се храни со крв и дека слободата не е слободна. Некој треба да се жртвува, па ако бидам убиен од пиштолот на Ким Јонг-ун, тоа ќе ми биде чест – категоричен е Парк.
Тензиите на Корејскиот Плолуостров се зголемија откако Северна Кореја неодамна ја крена во воздух канцеларијата за врски со Југот. Севернокорејските трупи беа забележани и во демилитаризираната зона која ги раздвојува двете нации.