Демонстрациите стануваат вообичаена појава во Багдад. Луѓето складираат храна и вода. Поставени се бетонски бариери додека уличните продавачи им нудат знамиња на бројните демонстранти што организирано доаѓаат да го изразат своето незадоволство, пишува „Гардијан“.
Во Ирак се случува незабележан бран на протести во изминатите неколку недели, во кои илјадници демонстранти излегоа на улиците, решени да го сменат политичкиот поредок што стапи на сила по соборувањето од власт на Садам Хусеин во 2003 година.
– Дојдовме да протестираме бидејќи ја загубивме државата. Дојдовме да ја собориме владата – вели еден од демонстрантите.
Протестите се должат на корупцијата, отстуството на работни места и основни јавни услуги. Но апелот за подобар живот набргу прерасна во повик за смена на владата. Премиерот Абдел Абдул-Махди досега се противи на барањата за напуштање на функцијата на која стапи пред една година, и покрај стравувањата дека државата може да западне во хаос. Според извештаите, досега повеќе од 200 лица ги загубија животите во протестите, во кои демонстрантите се судираат и со полицијата.
– Уморни сме! Ние умираме! Зошто пукаат во нас? Тие се полоши од Садам – извикуваше една млада жена.
Демонстрантите бараат и ставање на крај на влијанието на Иран во нивната држава. А употребата на сила засега не ги обесхрабрува.
– Не се плашевме од Исламската држава, зошто тогаш би се плашеле од овие крадци? Тие мислат дека не плашат кога не удираат, но тие всушност ја зголемуваат нашата решителност – порачува еден од незадоволните Ирачани.
Истовремено се одвиваат големи антивладини протести во Либан, кој исто така се справува со последиците од долгогодишниот конфликт.