Четириесет и четиригодишниот Дерек Шовен, обвинетиот за убиството на Џорџ Флојд, за првпат се појави на суд во Хјустон.
Судијата побара кауција од милион долари за условно ослободување на полицаецот обвинет за убиството на Афроамериканецот за време на неговото апсење.
Условите се во иднина да се појавува на рочиштата, да не го крши законот, да не се вработува во фирма за обезбедување или како полициски службеник, да ги предаде оружјето и муницијата за кое било оружје за кое има дозвола, да не ја напушта Минесота и да нема каков било контакт со семејството на Флојд. Ако ја напушти сојузната држава Минесота, секоја друга американска држава мора да го екстрадира за кривичната постапка.
Поранешниот полицаец Шовен се појави на суд за првпат откако се случи убиството, на кратко процесно сослушување преку видео-врска. Судијата Џенис Рединг го закажа следното рочиште за 29 јуни, кога ќе се разгледа случајот.
Поранешниот 44-годишен полицаец се наоѓа во затвор со голема безбедност. Тој е обвинет за убиство затоа што го задави 46-годишниот Флојд пред две недели со тоа што го притисна на вратот со коленото и го држеше скоро девет минути. Видеото за настанот снимено од случаен минувач, се рашири на социјалните мрежи и предизвика демонстрации во САД.
– Не можам да дишам, не можам да дишам, те молам, не убивај ме – молел Флојд за помош. Полицаецот му рекол да биде смирен, а друг полицаец ги држел минувачите на оддалеченост.
Останатите тројца полицајци вмешани во убиството на Флојд – Томас Лејн, Џ. Александер Кенг и Тоу Тао, се обвинети за помагање во убиство од втор и трет степен.