Косово се наоѓа заплеткано во незапаметена политичка криза, откако можната разврска од дијалогот со Србија предизвика дополнителна поделба во тамошните политички кругови, пренесува порталот „Еурактив“.
Во обид да се прикрие неуспехот од пропаднатиот обид за приклучување на Интерпол, косовската влада воведе 100-отстотни царински такси за производите од Србија и од БиХ, нагласувајќи оти одлуката ќе остане на сила, се додека Србија ја подрива државноста на Косово. Воведувањето на таксите беше поздравено од жителите на Косово, но не и од меѓународната заедница.
ЕУ бараше таксите да бидат укинати бидејќи Србија нема да ги продолжи преговорите додека тоа не се случи. Владата на Косово го отфри барањето. Но, кога САД го побараа истото, дојде до поделба меѓу косовските политички лидери – Карди Весели и Рамуш Харадинај. Вториот остана доследен на одлуката, додека првиот истакна дека Косово треба повторно да размисли, за да го сочува сојузништвото со САД. Од друга страна, Велика Британија и Германија не вршеа притисок за укинување на таксите, што оди во согласност со ставовите на државите за идејата за менување на границите. ЕУ како и дел од администрацијата во САД го поддржуваат дијалогот меѓу Косово и Србија, дури и по цена на промена на границите, додека Германија и Велика Британија се противат на ново разграничување. Политичките лидери на Косово и на Србија, во повеќе наврати истакнуваа дека се против ваквата идеја.
Но, позициите од кои Србија и Косово пристапуваат на преговорите остануваат нејасни. Српскиот претседател Александар Вучиќ истакна дека шансите за постигнување договор се мали, додека Косово брза за да добие разврска на дијалогот во наредните неколку месеци.
Упорноста на косовскиот претседател Хашим Тачи за завршување на дијалогот претставува приоритет и на кабинетот на претставничката на ЕУ Федерика Могерини, која сака да го заврши мандатот со значително постигнување.
Претходно постигнатиот договор помеѓу Србија и Косово предвидуваше создавање на Заедница на српските општини на Косово, што поттикна политички и општествени превирања, правејќи го спроведувањето на ваквата спогодба невозможно. Премиерот Харадинај оттогаш не ги дели ставовите на претседателот Тачи, спротиставувајќи се на секоја идеја што предвидува промена на границите. Харадинај бараше свикување на меѓународна конференција за завршување на преговорите во рок од две седмици.
Но, барањето на Харадинај би можело да доведе до остварување на идеите на Тачи. Згора, свикувањето на конференцијата би ја довело во прашање позицијата на Косово во меѓународната заедница. Се стекнува впечаток за политичка незрелост на Косово, поради различните ставови на неговото водство, а неговата позиција се влошува со домашните превирања и промената во надворешната политика на САД. За да ги надмине проблемите, Харадинај би требал да направи обид за продолжување на дијалогот, како и да ги укине таксите доколку Србија им се врати на преговорите, се наведува во анализата.