Мерките за обезбедување повисок стандард, грижа и заштита на пензионерите се приоритет на Владата, порачаа денеска премиерот Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на отворањето на 23. Пензионерски спортски игри во Радовиш.
– Ги следиме европските пракси, гледаме како живеат пензионерите во земјите од Европска Унија, поспокојно и покомотно, и токму затоа секојдневно работиме, затоа и стратешките чекори кои ги преземаме водат токму кон Европската Унија. Тие чекори се за да го кренеме стандардот на достоинствено ниво какво што доликува на секој, кој чесно си ги изразботил своите продуктивни години, и треба да ги ужива пензионерските денови исправено и горделиво, рече Заев.
Министерката Царовска потенцира дека со организирање различни настани од социјален, културен и спортски карактер Сојузот на пензионери придонесува да се подобри нивниот статус.
Им порача дека Министерството посветено работи на обезбедување на подобри услови за достоинствен живот на овие граѓани кои со животното искуство што го имаат се многу значајна алка во општетсвото.
– Македонија е социјална држава која се грижи за граѓаните преку обезбедување на социјална сигурност и пристап до социјалните права. Врвна цел на оваа Влада е што повеќе да ги унапреди и подобри овие права со што ќе го подобри стандардот на пензионерите и ќе им обезбеди достоинствен и мирен живот. Затоа како што растат платите, растат и пензиите два пати годишно, рече Царовска.
На отворањето на игрите се обратија и Салтир Каровски, претседател на ИО на СЗПМ и претседателот на ЗП Радовиш и Конче, Јордан Костадинов. Присутните ги поздравија и градоначалниците на Радовиш и Конче, Герасим Конзулов и Благој Илиев.
Игрите ги организира Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, а се под покровителство на Министерството за труд и социјална политика. Настанот се организира традиционално веќе 23 години, по повод пензионерското организирање и на него учестувуваат над 500 пензионери од здруженијата на пензионери ширум земјата.