Во ерата на националните романтизми и национализми, Илинден остана симбол на неспорно изрзената волја за својата држава, заснована врз демократските начела и слободниот живот на сите етнички и верски заедници. Ова го истакна претседателот, Стево Пендаровски, кој денеска се обрати во Меморијалниот Центар АСНОМ во Пелинце.

Во говорот, претседателот посочи дека овој Илинден се прославува во посебни услови, бидејќи светот е зафатен од пандемијата на коронавирусот, а оттуѓувањето што ги донесе оваа криза ја загрозува меѓусебната солидарност, за оние кои поминале низ пеколот на болеста и оние кои ги загубија работните места. Сепак, како што истакна Пендаровски, и покрај кризата земјата успеала да стане членка на НАТО,  а во март оваа година Европскиот совет конечно донесе одлука за почеток на преговорите со нашата држава за членство во ЕУ, 15 години по добивањето на кандидатскиот статус.

Во однос на изборите, претседателот очекува побрзо конституирање на новото Собрание и Влада. Новата Влада ќе има една друга комплексна задача, особено после ваква изборна кампања во која беа изречени тешки обвинувања и лични дисквалификации кои дополнително ги продлабочија поделбите меѓу граѓаните, истакна Пендаровски.

Тој нагласи дека веднаш по неговиот избор кажал дека една од неговите главни определби е помирувањето, за кое денес рече убеден е дека ни е потребно повеќе од кога било во историјата, како независна држава.

Пендаровски се осврна и на проблемите со судството и нефункционалната администрација, кометирајќи дека тоа не е само пречка за побрзо интегрирање во ЕУ, туку е главна пречка за да живееме нормален живот во пристојно уредена држава.

– Нашите граѓани со право се разочарани кога гледаат дека обвинителството кое беше симбол на сите наши надежи за расчистување со организираниот криминал се распоадна како последица на тоа што и самото стана дел од организираниот криминал – рече Пендаровски

Тој додаде дека секоја злоупотреба на функцијата и јавните финансии, секој наместен тендер, секое влечење на судските постапки со години, секое малтретирање на граѓаните во административните коридори се причина повеќе за одлуката за заминување од државата на многу млади луѓе, за затворање илипреселба на бизниси во други држави и за енормно зголемување на фрустрациите и радикализација на граѓаните. Тој е дециден дека единствен начин да изградиме правилно општество е да се применува правото.


Спасовски повика на сплотеност: Потребни ни се победи, а не поделби

Премиерот Оливер Спасовски, во обраќањето по повод Денот на Републиката од скопското Кале повика на изградба на граѓанско општество за сите, сплотеност и солидарност.

Во обраќањето тој се заложи за победи, а не поделби, повикувајќи на обединување во држава која ќе биде слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници.

– Како и на нашите предци, должни сме им да се спротивставивме на фашизмот гласно и храбро. Борбата со фашизмот и против делбите на нашите граѓани, против сеењето на омраза помеѓу браќа, соседи и другари, е наша света обврска. Нашите партизани застанаа храбро и пркосно наспроти фашизмот, и благодарение на таа храброст и на тој пркос, денес ние имаме држава. И ништо помалку од тоа не смееме да им оставиме на идните генерации. Денес славиме празник и во чест на сите генерации наши сограѓани и сограѓанки кои во нашата слободна држава го вградуваа својот сопствен придонес за да стоиме гордо пред државното знаме и гордо да го зборуваме својот мајчин македонски јазик. Гордо да го славиме македонскиот јазик кој беше заведен како службен јазик во македонската држава токму на Илинден во 1944 година, и кој денес е впишан во личната карта на нашата држава во Обединетите Нации, каде што покрај името Република Северна Македонија, за јазик стои: македонски јазик – рече Спасовски.

Премиерот нагласи дека согласно принципите на Илинден кои не се завртени кон минатото, туку кон иднината, нашиот најјасен патоказ денес е патот кон европските вредности и вредностите на НАТО, како сојуз на кој му припаѓаме како полноправна членка.

Осврнувајќи се на кризата со коронавирусот, првиот човек на Владата порача дека  начелата на солидарност и заедништво се попотребни од било кога досега. Спасовски говореше и за договорите со Грција и Бугарија, нагласувајќи дека во духот на илинденците денес подадовме рака за соработка со сите соседи и ја стекнавме нивната доверба.

– Благодарение на овие договори Северна Македонија од лош пример се претвори во успешна приказна. Таа стана светла точка на Балканот. Довчерашните резигнирани соседи, станаа наши најсилни лобисти и поддржувачи на меѓународен план. Станавме сојузници. Покажавме и докажавме дека со слога, а не со кавги, државата оди напред кон подобро – додаде Спасовски.


Џафери: Илинден е симбол на стремежот за подобро утре

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој годинава беше спречен да се обрати од Мечкин Камен, преку соопштение упати честитка по повод празникот 2 Август-Денот на Републиката.

– Илинден е симбол на стремежот за подобро утре, за подобар живот на идните генерации, поправедно општество, напредок и повисоки вредности. Во ова исклучително време на предизвици, на овој посебен ден да се потсетиме на двата Илиндена, на Крушевскиот манифест и на идејата водилка на АСНОМ за слободна, независна и просперитена Република Северна Македонија, почитувајќи, уважувајќи и потпирајќи се на ближниот, на сограѓанинот, на соседот. Ви посакувам убав празничен ден со вашите семејства и посакувам што побрзо, преку почитување на мерките, разум и добро однесување, да го надминеме и предизвикот ковид-19 и секој празник да го одбележуваме масовно, сплотено, слободно – наведе Џафери.

Вчера, од Собранието информираа дека собраниската делегација на Мечкин камен, Крушево, ќе ја предводи потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, бидејќи на Џафери по препорака на лекарите неопходен му е дополнителен одмор и мирување.

Тој минатата недела беше хоспитализиран на Инфективната клиника.


Mицкоски го честита Илинден и се извини за грешките на ВМРО-ДПМНЕ од минатото

Со зборовите од Крушевскиот манифест: „Ура! За Афтономна Македонија“, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од струшкото село Ташмаруништа на граѓаните им го честита Денот на Републиката.

Во своето обраќање, Мицкоски се извини за грешките на ВМРО-ДПМНЕ од минатото и порача дека во Македонија мора да има правда, а тој нема да се откаже од таа цел.

– Денес оние кои се товар во ВМРО душмански жестоко се обраќаат кон ВМРО. Целосно свесен за нивните постапки од минатото, и целосно свесен дека токму овие жестоки по-јаничарени јуришници на власта беа и товар на партијата, сакам јасно и недвосмилено да истакнам дека јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ му се извинувам на народот за сите грешки и неправди кои овие луѓе ги имаат направено. Тие во ВМРО гледаат личен интерес, а јас во ВМРО-ДПМНЕ гледам кауза. Јас повеќе не сакам да ги коментирам, верувам во народот и верувам дека народот сосема јасно разбира за што овде се работи и кој за што се бори, кој ја сака и кој работи за Македонија. Ако оваа темнина е тунелот кој го создаде оваа власт, и во кој сака свесно да опстојуваме, јас ќе ви кажам дека има светло на крај од тунелот. А за тоа светло вреди и треба да се бориме. 

Илинденците и сето она за што се бореа е нашата света кауза поради која и постои ВМРО, и ова не се само обични букви тоа е кодот на Македонецот преточен во слова зад кои има историска големина, и ако некој мисли дека ВМРО припаѓа само на една историска генерација треба да знае дека пред се тоа му припаѓа на народот, на жените и мажите, на старите, и младите, православните, католиците, муслиманите, евреите и така ќе остане – рече Мицкоски.

Како што рече, живееме во време на неправди, удари, подмолни струи кои треба да не обесхрабрат и да се откажеме. Секој од нас, вели Мицкоски, треба да знае дека овој ден денес го славиме не затоа што илинденците се откажале, туку затоа што се бореле. А борбата за Македонија е вечна, исто како и идеалот за неа.

Тој додаде дека државата сериозно скршнува од патот на илинденските идеали и дека сето тоа е со намера за да народот биде во апатија и мисли дека сите се исти, а тоа не е така.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ заклучи дека во Македонија мора да има правда, а не криминал и обвинителство кое го легитимира.

– Нашата Македонија заслужува подобра иднина, а не заслужува влада која преку огласи бара дивоградби, иако тие стојат пред нејзините очи. Нашата држава заслужува комплетно нова генерација на политичари и смена на транзициските ликови кои се сидрото на оваа држава. А нам ни треба едро и силен ветер да одиме напред, додава претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека државата мора да се врати на илинденските идеали, а тоа е слободата, правдата и заедништвото.

„Ова е наша заедничка задача, да ја вратиме среќата кај луѓето, да се врати насмевката, вербата во државата и да се потпираме едни на други – додаде Мицкоски.

Во однос на формирањето на Владата, Мицкоски нагласи дека тоа е натпревар кој се игра до последна минута.