Јулија Тимошенко

Поранешната украинска премиерка Јулија Тимошенко сега повторно се кандидира за претседателската функција, но сојузниците се загрижени дека таа може да го загрози единствениот план за мир на државата

Атлантик

Јулија Тимошенко секогаш сакала да ги задоволи барањата на народот. Со тоа што повторно ќе се кандидира за претседателската функција во Украина, таа вети дека трикратно ќе ги зголеми пензиите и двојно ќе ги намали трошоците за греење, сака да изврши притисок за импичмент на актуелниот претседател Петро Порошенко само на неколку недели пред претседателските избори и притоа порача дека веднаш откако ќе биде избрана, ќе ги затвори сите аеродроми во државата за да го спречи бегството на корумпираните политичари.

Во многу наврати, ваквите политики го покажуваат антиелитистичкиот став пред првиот круг од претседателските избори закажани за викендов, во која двајца кандидати директно ќе влезат во вториот круг кој ќе се одржи следниот месец. Само девет отсто од Украинците имаат доверба во владата. На избирачкото ливче во првиот круг од претседателските избори ќе се гласа за 39 кандидати. Поранешната премиерка Тимошенко некогаш важеше за главна кандидатка, но нејзините популистички ставови ги засени Володимир Зеленски, актерот без никакво политичко искуство, кој го глуми претседателот на Украина во една популарна телевизиска серија.

Иако разочараноста од власта, што во голема мера е основата на популистичките политики на Тимошенко, подразбира дека изборите генерално се фокусираат на домашните проблеми како што се искоренувањето на корупцијата или реформите во економијата, изборниот процес, исто така ќе има последици на меѓународно ниво. Тимошенко отворено збореше против Договорите од Минск за прекин на огнот од 2015 година и кои се единствената основа за мир во долгогодишниот конфликт со Русија.
Со големи шанси дека двојката ќе се соочи во вториот круг на претседателските избори, во кои Зеленски е главен кандидат кому веднаш зад петиците му се Тимошенко и Порошенко, најголемиот проблем за светските лидери е како новиот украински претседател ќе ја брани државата која се протега по светскиот геополитички расед. Русија и Западот се најдоа во конфликт токму на ова место за првпат по крајот на Студената војна, со тоа што претставниците на Вашингтон, Лондон и останатите главни градови секогаш ја обвинуваат Москва за мноштво нивни проблеми, од мешање во изборите, па сè до труења на нивна територија.

Ниеден од овие конфликти или спорови не е толку важен за рускиот претседател Владимир Путин како украинскиот. Ако следниот украински лидер се обиде да го ревидира актуелниот мировен договор, со кој ниедна страна не е задоволна, но е единственото понудено решение, тоа ќе ги зголеми шансите за ескалирање на насилството кое релативно се држи под контрола во одредени делови од државата.
Кога руски поддржаните сепаратисти ја започнаа својата офанзива во источна Украина, токму во Славјанск ги постигнаа првите успеси. Во 2014 година, тој беше првиот град што го освоија. Предводени од поранешен руски разузнавач, тие ја презедоа контролата врз градското собрание во Славјанск, бетонската советска зграда која тогаш сè уште ја чуваше бистата на Ленин во дворот. Потоа тие го киднапираа градоначалникот и воведоа сталинистички декрет со кој следеше смртна казна со стрелачки вод за крадците поради прекинот во снабдувањето со храна.

По тримесечен ќор-сокак, руски поддржаните сепаратисти се повлекоа во соседниот град Доњецк со што ѝ дадоа простор на украинската војска повторно да го заземе Славјанск. Денес повторно се веат украинските знамиња над градското собрание. Но, секојдневието е сè уште тажно. Индустриските згради се празни, нема многу отворени работни места, а банките нудат кредити со огромни каматни стапки што се должи на близината на Славјанск до борбите во кои Обединетите Нации проценуваат дека загинале околу 13.000 лица од почетокот на конфликтот.

На истиот централен плоштад пред градското собрание, Тимошенко се обрати пред народот овој месец. Повеќе не ја носи својата коса во плетенки како за време на Портокаловата револуција (тогаш беше позната под прекарот „кралица на револуцијата“ – н.з.), кога Тимошенко беше меѓу оние кои ги предводеа Украинците на протести за да се поништат резултатите од фалсификуваните претседателски избори во 2004 година. Околу половина од толпата што беше дојдена со автобуси од најблиските градови, го скандираше името на Тимошенко, се забележуваа натписи „Тимошенко=мир“ и „Донбас за Тимошенко“, регионот во кој се наоѓа Славјанск. Другата половина од толпата во задните редови љубопитно набљудуваше како една позната личност од нејзиниот калибар дошла во посета на нивниот град, но сепак делуваше неубедено.

– Знам дека не верувавте дека некој од претседателските кандидати ќе дојде да ве посети – порача таа во обраќањето, сакајќи да се прикаже како некој што ќе одговори на нивната мака. Потоа во знак на разбирање за проблемите со кои Славјанск се бори уште од 2014 година, таа додаде дека „ќе го врати нормалниот живот во градот“ 

За Тимошенко ова е трета и веројатно последна претседателска кампања. Во 2010 година, таа загуби од Виктор Јанукович, човекот кој не ја презеде претседателската функција во 2004 година поради наместените избори. Тимошенко потоа освои два премиерски мандати, но отслужи две и пол годишна затворска казна поради обвиненијата за злоупотреба на функцијата, казна што Европскиот суд за човекови права ја смета за „незаконска и неправедна“. Кога поради народните протести Јанукович побегна во Русија во 2014 година, Тимошенко беше пуштена на слобода и веднаш се упати кон главниот плоштад во Киев за да се обрати пред народот во инвалидска количка. Но нештата не се одвиваа според нејзиниот план. Таа не беше поздравена како што очекуваше, а меѓу толпата се истакнаа транспаренти со наслов „Слобода за Јулија но не и власт“ и следеа и свирежи. Таа загуби на претседателските избори во 2014 година кога освои помалку од 13 отсто од гласовите.

Останатиот дел од нејзиниот говор од Славјанск дополнително покажа зошто нејзината кандидатура за претседател е проблем за западните влади. Речиси час и половина, Тимошенко го критикуваше Порошенко за долгогодишните немири во источна Украина, нагласувајќи дека „на некому од највисоките слоеви не му одговара мирот и нема корист од него“ и притоа ги обвини Германија, Франција и САД затоа што не успеале да постигнат мир во преговорите.

Како што наближуваат изборите, некогашната доминација на Тимошенко се губи, а нејзината реторика станува сè попопулистичка. Но покрај политиките за зголемување на буџетот и ветувањата за искоренување на корупцијата, загриженост предизвикаа токму нејзините критики на Договорите од Минск. Многу Украинци не се задоволни од нив, затоа што сметаат дека склучените Договори со Русија и со нејзините претставници во источна Украина не носат мир, додека истовремено ѝ се дава право на Москва да има контрола врз дел од украинската територија. Западните држави стравуваат дека Русија никогаш нема да потпише друг сличен договор.

Тимошенко изјави дека таа „уште од првиот ден не ги прифаќа Договорите од Минск“ и дека преговорите биле направени „зад грбот на Украина“. Потпирајќи се на фактот дека е добро позната надвор од државата и претходно како украинска премиерка склучи договор за гас со Путин, таа сака да ги убеди гласачите дека може да му стави крај на конфликтот со Русија.

Според Григориј Немирја, заменик-шеф на Партијата за татковината на Тимошенко, претседателската надеж лежи во барањата за нови преговори врз основа на договорот од 1994 година што го потпишаа САД, Велика Британија и Русија, со кој Украина беше обврзана да го предаде советскиот нуклеарен арсенал. (Зеленски, кој е главен претседателски кандидат, го следи примерот на Тимошенко и вети нови преговарачки формати, иако не наведе подетални информации.)

Досега Тимошенко, барем во јавноста, не сакаше да каже дека Договорите од Минск треба да се укинат. Курт Вокер, американскиот специјален претставник за преговори во Украина, изјави дека кога се сретнал со главните кандидати, вклучувајќи ја и Тимошенко, тие ветиле дека ќе ги зачуваат Договорите од Минск. Сепак, во исто време, двајца западни дипломати и поранешниот претставник на една меѓународна невладина организација, кои побараа да останат анонимни за да можат да дискутираат за неофицијалните разговори, се пожалија дека Тимошенко приватно е понејасна, со тоа што им остава простор за шпекулации што таа всушност ќе направи доколку биде избрана за претседателка.

Таа можеби не го знае одговорот на тоа прашање. Тарас Березовец, кој беше нејзин советник во претседателската кампања од 2010 година и заменик-директор на нејзината кампања од 2014 година, порача дека „таа не разбира како функционира надворешната политика“. Березовец, кој сега води своја емисија на телевизиски канал што му е наклонет на Порошенко, додаде дека „ таа секогаш имала нејасна меѓународна агенда“.

Цената за секаква промена на статус-квото би можела да биде голема. Првенствено, како што истакна Вокер, американските и европските санкции врз Русија за нејзиниот авантуризам во Украина се базираат на Договорите од Минск. Во близина на конфликтната зона во изминатите неколку месеци, опасната природа на безбедносната состојба на Украина станува сè појасна. Лани во ноември, Русија отвори оган врз и зароби 24 украински морнари кои сакаа да навлезат во водите на Азовското Море кое е под заедничка контрола на Украина и на Русија. Според Вокер, Русија не сака да преговара за ослободување на затворениците сè додека не завршат украинските претседателски избори, затоа што се надева дека ќе има ново лидерство во Киев.
Во источна Украина, загриженоста за судбината на морнарите и особено за конфликтот се огромен проблем за тамошните гласачи. Шеесетгодишната пензионерка Вира, која порано работела во фабрика, присуствувала на митингот на Тимошенко и дури успеала да добие нејзин автограм на изборниот леток. Таа се двоуми дали да гласа за Тимошенко, но со сигурност нема да гласа за Порошенко.

– Не го сакам Путин, но тој вели дека ќе седне на преговарачката маса со новиот лидер. Тоа е важно, затоа што така младите нема повеќе да гинат – порача таа.

Подготвила: Билјана Здравковска