Боливискиот претседател Ево Моралес соопшти дека поднесува оставка за „доброто на земјата“ , откако командантот на вооружените сили тоа го побара од него. Моралес повика на итни разговори со опозицијата заради повеќенеделните немири кои ја потресуваат оваа земја.
Најавата за демисија од функцијата доаѓа откако командантот на боливиските вооружени сили Вилијамс Калиман апелираше до Моралес да ја напушти функцијата за да се обезбеди мир во земјата. Вооружените сили на Боливија претходно соопштија дека наредиле воздушни и копнени операции за „неутрализација“ на вооружените групи кои делуваат надвор од законот.
Организацијата на американски држави (ОАС) соопшти дека со ревизија е утврдено дека имало неправилности на изборите одржани на 20 окотмври, на кои Моралес го освои четвртиот мандат. Моралес најави дека ќе распише нови избори, бидејќи по неговата победа земјата западнала во криза.
Претседателот на Венцуела, Николас Мадуро и шефот на мексиканската дипломатија Марсело Ебрард го осудија пучот против боливискиот претседател Ево Моралес. Мадуро го осуди пучот против својот сојузник Моралес, откако војската побара, а тој се согласи, да се повлече од функцијата за доброто на земјата.
– Категорички го осудуваме пучот против нашиот братски претседател – напиша Мадуро на Твитер.
Мадуро, чиј претходник Уго Чавез повремено беше ментор на Моралес, ги повика сојузниците ширум светот да се мобилизираат, за да се заштити првиот боливиски претседател од редовите на автохтоните народи.
И мексиканскиот министер за надворешни работи, Марсело Ебрард изјави дека неговата земја не ја прифаќа воената операција што се случи во Боливија.
– Не го прифаќаме тоа, тоа е слично на трагедиите кои ја закрвавија нашата Јужна Америка во минатиот век. Мексико ќе остане при својот став да се почитуваат демократијата и институциите – напиша Ебрард на Твитер.
Мексико најави дека ќе му понуди Азил на Моралес, доколку тој го побара тоа.
Перу повика на „обнова на мирната состојба во Боливија”. Владата во Перу повика на транспарентни избори со помош на Организацијата на американски држави.